Џафери не сака празни места во својот технички кабинет

Талат Џафери - претседател на македонскиот Парламент / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

 На 25 јануари ќе се поднесат оставките од претседателот на Собранието и од Владата. На 26-ти ќе биде избран новиот претседател на Собранието. Доделувањето на мандат од претседателот претпоставувам дека ќе биде на 26-ти. Поднесување на предлог-составот на владата – на 27 јануари, а на 28 јануари би се избрала техничката влада, изјави Џафери.

Идниот мандатар Талат Џафери ќе достави целосен состав на техничката влада ако ВМРО-ДПМНЕ му достават предлози за министри и дополнителни заменици министри. Џафери изјави дека составот на техничкиот владин кабинет ќе биде целосен ако опозициската партија номинира свои предлози, наспроти изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е можно местата за предлозите за министри од ВМРО-ДПМНЕ да останат празни во предлог составот на владиниот кабинет, откако опозициската партија најави дека ќе номинираат свои министри во техничката влада, но дека нема да гласаат за влада предводена од Џафери.

– Ако имаат предлози, ќе бидат во предлог составот на владата. Јасен е законот што учествува во техничката влада – одговори Џафери на новинарското прашање дали ќе предложи комплетен состав на владата, вклучително со предлозите за министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието на последниот брифинг со новинарите го претстави роковникот и динамиката на работа на Собранието, врзани за изборот на техничката влада.

– По претходна координација и согласност со премиерот определивме рамковни рокови. Договоривме на 25 јануари да се поднесат оставките од претседателот на Собранието и од Владата. На седницата на 26-ти ќе биде избран новиот претседател на Собранието. Известување до претседателот на државата дека Владата е во оставка и доделување на мандат од претседателот, претпоставувам дека ќе биде на 26-ти. Поднесување на предлог-програма и предлог-состав на владата – на 27 јануари, и со тоа се отвора пат да се свика нова седница на Собранието на 28 јануари, на која што би се избрала техничката влада, на која ќе се констатира престанок на мандат на пратеникот. На нова седница, на 28 јануари, ќе се избере нов пратеник и заменици министри и дополнителни заменици министри. Двете седници треба да завршат на 28 јануари, бидејќи составот на владата мора да биде целосен за да може да стапи во функција 100 дена пред денот на гласањето – изјави Џафери.

За најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за него, Џафери вели дека не се оптоварува со тоа кој како ќе гласа. Тој одби да ги коментира изјавите на претставниците на албанската опозиција.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, очекува дека Џафери како мандатар ќе го почитува Законот за влада и дека ќе предложи комплетен состав за техничката влада.

– Не очекувам уште на почетокот да прекршува закон, бидејќи ставот 2 од членот 3 од Законот за влада е многу јасен и вели дека мандатарот доставува до претседателот на државата предлог на техничка влада со имиња на предлог-министри за сите министерства. Така што не постои исклучок, барем досега, не е виден, иако сме навикнати на исклучоци од оваа гарнитура. Но, да се надеваме дека нема да го почне мандатот како премиер со прекршување на Законот за влада – вели Стојаноска.

Ковачевски минатиот викенд предложи местата што со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, да останат празни додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го дадат својот глас за таа влада. Тој го повика Џафери да направи влада, во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се изгласаат нивните министри.

– Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ, во согласност со закон, исто како и сите други политички партии што се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите што им следуваат – рече тогаш Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот