Џафери и македонска делегација на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во чест на Свети Кирил и на аудиенција кај папата Франциск

Талат Џафери делегација/ФОТО МИА

Државно – црковната делегација предводена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе присуствува на молебен во базиликата „Сан Клементе” во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил.  Во попладневните часови Џафери ќе положи цвеќе пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”.

Традиционално делегацијата денеска ќе присуствува и на аудиенција кај Папата Франциск во Ватикан, по што Џафери ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.

Чествувањето на Св. Кирил во Рим ќе заврши со положување цвеќе во базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде што се наоѓа спомен плочата на македонски јазик во чест на Св.Кирил. Џафери вчера најави дека цвеќе ќе биде положено заедно со бугарска делегација.

– Не можам да прејудицирам кои теми и прашања ќе се отворат на утрешната средба со бугарската делегација. Но, секако директната комуникација е добредојдена и мислам дека оди во полза на изнаоѓање евентуални можни позитивни решенија во однос на процесите што ги водиме, изјави Џафери по средбата со претседателот на Домот на пратениците на Италијанската Република, Лоренцо Фонтана.

Од име Собранието на Република Северна Македонија и лично Џафери упати честитки по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

– Капиталното дело на светите браќа Кирил и Методиј е бесценето наследство за светската наука и култура. Оваа порака која ја испраќам од Светата Столица, каде што ја предводам државно-црковната делегација на Република Северна Македонија на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил, е потврда за тоа дека светите апостоли Кирил и Методиј, претставуваат столбови на културниот образец на Европа и глобалната духовност и се нераскинлива врска помеѓу нас и светот. Нивните дела во кои е вложен многу труд, љубов и посветеност ја надминуваат рамката на време и простор и имаат вековна значајност. Писменоста, јазикот, знаењето, науката и вредноста на зборот се од непроценлива вредност, како за еден народ така и за светот, наведува Џафери во честитката.

Тој додава дека посакува патот на државата да биде светол какво што е нивното дело.

Во четврток, на 25 мај, претседателот на Собранието ја завршува посетата на Рим и Ватикан со средба со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот