Државата против сиромашниот народ

Ромите имаат министри и пратеници, политички партии и до некаде се интегрирани во општеството. Но нивната несреќа е што не успеаја да создадат сопствена интелектуална елита, која ќе ги води, ќе ги поттикнува да се школуваат и да бараат подобро платена работа.

За последните настани со Ромите и „Сејф сити“ може да се направи вистински филм.

Ромите – очајна, историски дискриминирана и сиромашна популација, мирна, за првпат јавно се побунија. Тие за првпат ѝ се заканија на државата, дури и со непослушност, убиства на полицајци, тепање… Демонстрациите на улиците беа проследени со блокирање патишта во Битола, Кочани, Штип, Прилеп, Кичево итн. Бунтот беше придружен со палење гуми, слогани и барања да им се вратат автомобилите одземени од државата поради возење без дозвола, право на возење без дозвола како сиромашна категорија од населението итн.

Премиерот веднаш реагираше, велејќи дека му наредил на министерот за внатрешни работи да преземе строги мерки. Тоа беше реакција, на некој начин, слична на оние што палеа гуми и се закануваа.

Но мене ме интересира социологијата на оваа популација, која во речиси сите европски држави има сличен статус – сиромашна е, односно доминира во сиромашниот слој гледано етнички, необразована, ранлива во однос на вработување, здравствена и социјална заштита, силно стигматизирана…

Бунт на сиромашните или на Ромите

За мене ова не беше бунт на Ромите. Тоа беше бунт на сиромашните, на „бедниците“ од Виктор Иго. Социологијата на Ромите во Македонија е посебно поглавје. Тие располагаат со единствената ромска општина во Европа – Шуто Оризари, дел од Скопје.

Имаат министри и пратеници, политички партии и до некаде се интегрирани во општеството. Тие се третата етничка заедница по бројност во Македонија. Но нивната несреќа е што не успеаја да создадат сопствена интелектуална елита, која ќе ги води, ќе ги поттикнува да се школуваат и да бараат подобро платена работа. Нивната општествена положба постојано се подобрува, но околу 80% од нив припаѓаат на пониските слоеви на населението.

Ентони Гиденс, кога зборува за стратификацијата и класната структура на британското општество, го поставува прашањето зошто во некои општества едни се побогати, а други посиромашни. Богатството и приходите, нееднаквостите, се присутни насекаде, но во земјите од третиот свет и во оние во развој, како Македонија, се изразени најмногу. На пример, во Британија сопственоста врз богатството е распределена вака: 1% од најбогатите поседуваат 75% од акциите, а 5% поседуваат 90% од вкупното богатство. Акции поседуваат само 25% од населението. Но таму социјалната заштита им овозможува на луѓето да живеат достоинствен живот. Америка, пак, социолозите, ја нарекуваат многу богато општество со многу сиромашни.

Премиерот не се запраша зошто тие луѓе што излегуваат на улица, без заби во устата, очајни, погодени од сиромаштија, кои велат дека немаат образование, се толку гневни. Да се разбереме – нееднаквости постојат во сите општества. Но тука не станува збор за структурна нееднаквост меѓу различни групи, туку конкретно за Ромите како исклучително сиромашна и запоставена етничка заедница. Јавноста на социјалните мрежи беше немилосрдна кон овој израз на револт – тие беа нарекувани крадци, мрзливи, собирачи на отпад, чистачи итн.

Државата не е лојална кон Ромите

Кога ги прашував моите студенти по социологија да ги идентификуваат сиромашните, тие веднаш велеа – Ромите. Тоа беше јавната перцепција и општествената стигма. Моите очекувања беа дека сиромашни може да бидат необразованите, невработените, старите, болните, лицата со попреченост, а честопати и мигрантите.

Но, мора да знаеме дека социјалната заштита и социјалната политика потфрлија. Ромите, односно граѓаните генерално, имаат право да ги критикуваат политичарите и државата, но не и да се закануваат или да бараат да не важат законите за нив. Сепак, токму овој момент мене ми остави силен впечаток. Сите мислевме дека Ромите се интегрираат, се вработуваат, се школуваат, но се покажа дека раните се многу длабоки. Државата и општеството не направиле доволно – ниту во образованието, ниту во вработувањето, ниту во политиките за поддршка на ранливите групи. Тие се оставени да живеат во хаос и сиромаштија.

Реакцијата на државата беше лоша, слична на реакцијата на демонстрантите. Државата требаше веднаш да седне на разговор со нив. Министерот за труд и социјална политика требаше да свика состанок со претставници на протестирачките групи, социолози, пратеници, новинари и психолози за да ги истражат причините за бунтот. Во секој град државата би можела да ангажира автошкола што барем еден месец годишно бесплатно ќе ги подготвува сиромашните за возачка дозвола.

Социјална правда за Ромите

Елвис Шаќири, директор на „Ромалитико“, предлага државата да обезбеди 40-50 возачки дозволи годишно за оваа категорија граѓани. Тоа би помогнало да се спречат казните и да се намали сиромаштијата. Тој исто така смета дека жителите на некои ромски населби се чувствуваат дискриминирани бидејќи немаат можност да ги исполнат образовните услови за полагање возачки испит. Државата треба да овозможи подготовка за возачка дозвола и поширока поддршка. Строгите мерки можат привремено да го намалат проблемот, но не и да ја решат неговата суштина. Потребен е општествен ангажман и долгорочна борба против сиромаштијата.

Без политики што обезбедуваат пристап до образование, работа и субвенции за возачки дозволи, државата ризикува да создаде уште поголеми социјални разлики, вели Шаќири.

Мислам дека прашањето за возачките дозволи беше само искра што ги изнесе на површина длабоките проблеми на општеството, во кое мал слој луѓе се збогатува на сметка на многу поголем слој што осиромашува и има сè помалку ресурси за живот – храна, облека, образование и здравствена заштита. А, за жал, најголемиот број сиромашни во оваа категорија се Ромите. Речиси сите етнички заедници имаат средна класа составена од „техничари на знаењето“, како што ги нарекува Жан Пол Сартр, но Ромите речиси и да ја немаат. Иако постојат поединечни интелектуалци, тие не се занимаваат доволно со егзистенцијалните проблеми на заедницата.

За Ромите е потребна солидарност и општествена поддршка за подобрување на нивната социоекономска положба.

(Авторот е универзитетски професор

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот