Државата повеќе дава за камати за долговите отколку за социјални надоместоци

Трошоците за камати на долгот од државниот буџет во 2023 година биле 210 милиони евра, а во 2020 беа 130. Тоа е зголемување од 60 проценти за само три години, што е навистина загрижувачки, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека јавниот долг се намалува, но експертите вклучија аларм дека тој е висок и дека особено загрижува фактот дека во наредниот период стигнуваат огромни пари за враќање. Според податоците што ги презентираше Бесими со регистрирано ниво од 55,8 проценти од БДП, јавниот долг се врати на нивото од пред 2020 година, односно тој е понизок за 3,9 проценти и од нивото на јавниот долг во 2020 година. Од друга страна, пак, податоците покажуваат дека во периодот од 2025-2028 година достасува за исплата надворешен долг од вкупно 2,4 милијарди евра за издадените еврообврзници.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека Владата многу наскоро мора да се задолжи, а со тоа ќе има раст на јавниот долг.

– Точно е дека во третиот квартал има намалување на јавниот долг, за околу 300 милиони евра во номинален износ, или 2 процентни поени од БДП. Тоа се должи на отплатата на последната еврообврзница од времето на Груевски, онаа од јули 2016 година, од 450 милиони евра. Но владата многу скоро пак ќе мора да се задолжи, најавите се дека тоа ќе биде со заем од Светска банка. Тоа значи дека јавниот долг наскоро пак ќе порасне, односно, дека ова намалување од третиот квартал е само еднократно. Работите многу брзо ќе се сменат и очекувањата се дека јавниот долг ќе станува сè поголем проблем во периодот што доаѓа – вели Јовановиќ во разговор за „Слободен печат“.

Задолжувањето ќе биде сè поскапо

Тој укажува дека позитивните ефекти од инфлацијата врз долгот ќе се намалува како што ќе забавува инфлацијата, но каматните стапки ќе останат високи, што значи дека трошоците за долгот ќе растат.
– Ова веќе и се гледа донекаде во Македонија. Трошоците за камати на долгот од државниот буџет во 2023 година биле 210 милиони евра, а во 2020 беа 130. Тоа е зголемување од 60 проценти за само три години, што е навистина загрижувачки. Државата сега дава повеќе пари за камати на долгот, отколку за социјални надоместоци. Во годините што следат состојбата дополнително ќе се влошува, зашто каматите на новите долгови ќе бидат повисоки од каматите на долговите што се отплаќаат.
Според Јовановиќ, единствениот начин да се спречи ова е доколку се забави темпото на задолжување, што може да се постигне или со зголемување на буџетските приходи, или со кратење на буџетските расходи.
– Кратењето расходи во услови на оваа криза би имало катастрофални социјални и економски ефекти и затоа единствената реална опција што преостанува е да се зголемат приходите, преку даночна реформа. Колку и да не сака, владата ќе мора сериозно да размисли да го врати прогресивниот данок, а друга добра опција е да го направи солидарниот данок траен, со што ќе се воведе прогресивен данок и на добивките на фирмите – вели Јовановиќ.

Барање спас кај домашните кредитори

Владата пак бара спас во зголемување на задолжувањето кај внатрешните кредитори. Со нејзина одлука од 10 октомври таа си го зголеми просторот за нето-задолжување на домашниот пазар од првично предвидените 350 милиони евра за годинава, на 502 милиони. Министерот Бесими одговарајќи на новинарско прашање рече дека домашното задолжување е поевтино и затоа се зголемува износот во проекциите.

– Ние во време на криза не успеавме да зголемиме дефицит, туку само извршивме реалокација на средства. Кога веќе има можност и ликвидност во земјава, тогаш ако треба да обезбедиме депозити на крај на годината за да ја одржиме макроекономската стабилност да можеме да реагираме и на домашниот пазар, покрај на меѓународниот. Тоа се планови што овозможуваат подобра реализација на фискална стратегија – рече Бесими.

Поранешниот гувернер Петар Гошев се сложува дека е подобро домашното задолжување.

– Во моментов тоа е поевтино и генерално, секогаш, таквото задолжување е далеку помалку ризично. Едноставно, им должите на домашни доверители што потоа треба да ги исплатите во домашна валута, наместо на странски, за кои се потребни меѓународно конвертибилни валути кои безбедно може да ги имате само од една вибрантна економија, извозно ориентирана и соодветен трговски и вкупен платен биланс – изјави Гошев за „Пари“.

Но, и тој алармира дека „динамиката на раст на јавниот долг на државата, континуирано е значително побрза од динамиката на нејзиниот економскиот раст“.
За истото зборува и економистот Павле Гацов, кој нагласува дека од 2018 до 2022 година, јавниот долг порасна за нето-износ од 3 милијарди евра, што е преку 20 проценти од БДП.

– Ваквиот тренд на раст на долгот не зборува добро за здравјето на македонската економија. Уште повеќе, станува очигледно дека и така слабиот раст на БДП нема да биде можен без одржување на високиот тренд на задолжување – алармира Гацов во интервју за „Локално“.

Според Министерството за финансии, веќе е обезбеден пакет од околу 600 милиони евра по програми на меѓународни финансиски институции. Од посебната кредитна линија од Меѓународниот монетарен фонд од 530 милиони евра што беше одобрена минатата година, имаме втора транша од 160 милиони евра, од Светска банка имаме 100 милиони евра финансиска поддршка, од ЕУ имаме 100 милиони евра, дополнително со Светска банка проектно има 50 милиони евра, КфВ Банка донесе одлука за поддршка од 90 милини евра, а преговарано е и со Банката за развој на Советот на Европа за дополнителни 50 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот