Драмскиот театар од Скопје на 29 мај ќе гостува на „Стериино позорје“ во Нови Сад

Поминаа повеќе од триесет години од последното учество на Драмскиот театар од Скопје на познатиот театарски фестивал „Стериино позорје“ во Нови Сад, Србија. Долгогодишниот пост ќе биде прекинат со гостувањето на претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски) во режија на Бранислав Миќуновиќ.

Претставата ќе биде изведена во рамките на меѓународната програма „Кругови“ на 29 мај на сцената „Пера Добриновиќ“ во Српско народно позориште.

Театарскиот фестивал „Стериино позорје“ во своето 67. издание се одржува од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад. Според селекторот на програмата Миливоје Млаѓеновиќ, „најзначајното достигнување на фестивалот е да го опише моделот на светот во кој живееме и да утврди каков е драмскиот израз на тој модел и врз основа на тоа да ги оцени создадените театарски дела“. Со таков предизвик, но со меѓународен предзнак учествува и претставата на Драмски театар од Скопје.

Македонската премиера на претставата се одржа на 31 март оваа година. Преку монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) е создадена авторската адаптација „My Name Is Goran Stefanovski“.

Во режија на Бранислав Миќуновиќ, драматург е Бранислава Илиќ, а во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска. Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката е Влатко Стефановски.

Тематски предизвик во претставата е преиспитувањето на идентитетот, домот и слободата, а поставена е во чест на еден од најзначајните драмски автори во регионот и пошироко – Горан Стефановски.

Претставата ќе биде изведена во рамките на меѓународната програма „Кругови“

Ансамблот на Драмски театар – Скопје со ова гостување на 67. „Стериино позорје“ ја продолжува повеќедецениската традиција на успешни изведби и наградувани претстави на еден од најпрестижните театарски фестивали во регионот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот