Доктор Ана Данева Маркова: Најголем ризик за плодот е ако трудница со ковид-19 предвремено се породи

Почитувани идни мајки, со оглед на недоволниот број научни студии, испитанички (трудници или породени) инфицирани со ковид-19, потенцирам дека овие податоци се врз основа на лимитирани докази, а изворот за да одговорам на овие прашања е Интернационалното здружение на гинеколози и акушери и протоколот објавен на 22 март 2020 година, вели д-р Ана Данева Маркова, гинеколог-акушер од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Што е ковид-19?

Ковид-19 (COVID-19) е инфекција предизвикана од коронавирус, сличен на многу од вирусите што предизвикуваат обична настинка. Она што е различно е дека и покрај тоа што повеќето луѓе нема да се чувствуваат поинаку отколку ако имаат само настинка, луѓето со други коморбидитети, здравствени проблеми: како проблеми со белите дробови или дијабетес или, пак, кардиоваскуларни заболувањa, се изложени на поголем ризик да се разболат или да развијат сериозни проблеми со белите дробови.

Како можам да избегнам да добијам ковид-19?

Редовно миење на рацете по контакт со предмети надвор од вашиот дом и избегнување на допирање на лицето со рацете, се најдобри начини да избегнете да се заразите. Социјалното растојание (да останете најмалку 2 метри или 6 педи од другите) и да останете дома колку што е можно, исто така, се добри начини да избегнете да се разболете. За да се спречи пренесување на какви било вируси на другите, кога киваат или кашлаат, луѓето мора да ја покријат устата со превојот на раката (внатрешниот дел на лактот), а никако со дланката.

Дали да избегнам да одам во болница или на редовен преглед кај матичниот гинеколог?

Антенаталните контроли во текот на бременоста се особено важни, не само за вашето здравје туку и за добросостојбата на вашето бебе и треба да се одложат само по дискусија со вашиот лекар. Некои антенатални совети можат да се побараат преку телефон или видеоповик со вашиот лекар, а тие потоа носат одлука што е најсоодветно за вас. Ако имате проблеми во бременоста, не треба да се двоумите да се јавите кај вашиот лекар или акушерка и да разговарате со нив – тоа е најдобриот начин за да добиете совет. Кога одите во болница или во амбуланта, редовно мијте ги рацете кога допирате предмети, избегнувајте да го допирате лицето со рацете и обидете се да останете барем 2 метра подалеку од другите луѓе во чекалницата. Исто така, треба да ги миете рацете и кога ќе заминете. Доколку имате барем еден од симптомите на оваа инфекција, секогаш поставете ја маската пред да излезете од дома, особено откако ќе пристигнете во болницата или во амбулантата и телефонски најавете го вашето доаѓање пред да пристигнете. Задолжително пријавете ги во целост вашите симптоми за да можат да ве очекуваат и да бидат соодветно подготвени да се грижат за вас. Ако сте позитивни на коронавирус, а веќе имате резервиран термин за редовен преглед, контактирајте го вашиот лекар или акушерка за да се консултирате дали е подобро да го одложите прегледот или, пак, да го преместите за подоцнежен датум.

Дали е опасно за мене ако добијам ковид-19 кога сум бремена?

Имаме мошне малку публикации досега, па последователно на тоа и недоволен број информации за бремени жени што се разболеле од ковид-19. Знаеме дека е најдобро да се избегне заболување, но од досегашните информации што ги имаме, се чини дека помал е бројот на трудници што се позитивни или болни од ковид-19 во споредба со жени од иста возраст што не се бремени. Жените со други здравствени проблеми, особено тие со хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок, дијабетес или ХИВ, имаат поголем ризик од ова заболување. Ако некоја трудница припаѓа на некоја од овие категории на хронични болести, во тој случај секако дека е неопходен поинаков протокол за следење на бременоста и породувањето, за разлика од другите трудници. Повеќето здрави трудници кај кои тестот за ковид-19 ќе биде позитивен, би требало, доколку се без симптоми или со блага симптоматологија, да бидат згрижени дома, а да останат во комуникација со својот матичен гинеколог и лекар. Доколку кај нив симптомите почнат да се влошуваат, неопходна е хоспитализација. Навремена грижа при ова заболување е најдобриот начин за спречување сериозни проблеми кај мајката и плодот во кој било период од бременоста. Лекарите може да предложат да се направи и радиодијагностика во одредена фаза од заболувањето и во одредена гестациска недела. Во рана бременост (во првото тримесечје) особено е важно точно одредување на гестациската недела и навремен скрининг за аномалии на плодот и во првиот, а и во вториот триместар, сѐ со цел да се преземат сите неопходни мерки и иследувања во интерес на побезбедна бременост и раѓање здраво новороденче. Во однос на дозволена терапија при покачена температура и треска кај трудници, „парацетамол“ е безбеден лек во бременоста.

Дали е опасно за моето бебе ако во бременоста сум позитивна или заболена со ковид-19?

Според објавените достапни податоци, се претпоставува дека не постои пренесување од мајкaта на плодот за време на бременоста. Нема знаци дека ковид-19 ги зголемува ризиците од аномалии на плодот, иако знаеме само за неколку жени што го добиле вирусот кога ова е најопасно – во периодот на органогенеза, односно во првите три месеци по забременување. Висока температура, фебрилна состојба која за првпат се јавува во шестата недела од бременоста или 4 недели по зачнувањето на плодот, може да биде поврзана со поголем ризик за дефекти на централниот нервен систем. Ова не е специфично за ковид-19, но коинцидира кога постои фебрилност и акутна вирусна инфекција во рана бременост. Околу 2 жени на секои 1.000 жени со треска во рана бременост може да имаат бебе со таков вид проблем, споредено со една жена на секои 1.000 бремени жени што немале треска рано во бременоста, што всушност претставува мал ризик. Затоа се препорачува детален ехо-преглед од 18. до 22. недела за скрининг на аномалии на плодот, кој и досега е дел од протоколот за антенатално следење на бременоста.

Најголем ризик за плодот е ако се стекнете со вирусот, се разболете и сте со ризик за предвремено породување. Колку актуелното вирусно заболување е поблиску до веројатниот термин за породување, толку се помали ризиците за плодот. Ако имате ковид-19 и сте во активна фаза на породување, поради можна хипоксија (недостиг на кислород) или застој во породувањето, може да биде отежнато спонтаното вагинално породување и во тој случај препораките се породувањето да се заврши со царски рез. Во моментот нема друга причина да се избере царски рез наместо вагинално породување кога мајката има ковид-19, освен ако не постои некоја друга акушерска индикација за царски рез од страна на мајката или на плодот.

Некои студии со слични вируси сугерираат дека бебето може да не расте доволно, соодветно за гестациската недела, т.е. да се здобие со интраутерин застој во растот (IUGR) по инфекција слична на ковид-19. Заради навремено воочување на овие компликации, повеќето експерти препорачуваат најмалку еден ултразвук по 2 до 4 недели од завршување на инфекцијата за да бидете сигурни дека плодот добро расте. Исто така, се препорачува редовните ехо-прегледи да продолжат на секои 2 до 4 недели во текот на бременоста, за во континуитет да се следи оваа состојба по вирусна инфекција.

Дали е опасно за бебето ако наскоро по породувањето се инфицирам со ковид-19?

Не е јасно дали мајките со ковид-19 треба да бидат одделени од своите бебиња или не. Различни региони дејствуваат различно врз основа на локалната состојба и алгоритми прилагодени за ковид-19. Честопати се препорачува да останете со вашето бебе ако се чувствувате добро. Некои околности може да бараат да бидете одделени од вашето бебе. Треба да го прашате вашиот лекар: гинеколог/педијатар, или акушерката, како е најдобро за вас и за бебето. Потребно е да бидете многу претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на вашето бебе. Ова најдобро се прави со доволно долго и детално миење на рацете пред да го допрете бебето, да избегнувате допирање на лицето на бебето, да избегнувате кашлање или кивање во близина на бебето и да носите маска тип FFP3 или P100 кога се грижите за него.

Дали можам да дојам ако имам ковид-19?

Од досега споделените научни докази, неколку трудници заразени со коронавирус биле тестирани и во млекото не е пронајден знак за вирусот. Значи, се чини дека мајчиното млеко е безбедно за вашето бебе дури и ако имате ковид-19. Но, во исто време, треба да бидете претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на бебето. Ова најдобро се прави со миење на рацете пред да го допрете бебето, да избегнувате допирање на лицето на бебето, да избегнувате кашлање или кивање во негова близина и да носите маска тип FFP3 или P100 кога доите. Друга одлична опција е да го измолзете вашето млеко и да имате некој што не е болен да го нахрани бебето.

Дали е потребно да се намали бројот на антенатални прегледи за следење на една нормална бременост кај инаку здрава трудница, во услови на ковид-19 пандемијата?

И покрај недостатокот на научни докази на оваа тема, сепак може да биде препорачливо да се намали бројот на задолжителните антенатални прегледи во бременоста, но само при нормален тек на природно зачната бременост и само кај инаку здрави трудници и пред бременоста, а кои воедно немаат лошо акушерско минато/други минати здравствени проблеми и кои немаат ризични фактори за евентуална појава на патолошка бременост. На пример:

Прв преглед: 2-3 недели по доцнење на циклусот, за ехо-преглед со цел утврдување на нормална бременост внатре во матката и плод со позитивна срцева акција. Земање детална анамнеза за здравствената состојба на трудницата, физикален преглед и утврдување на постоење ризични фактори за евентуална појава на патолошка бременост.

Втор преглед: од 11+0 до 13+6 гестациска недела задолжителен е ехо-преглед за точно утврдување на гестациската недела и за прв скрининг на аномалии на плодот. Истовремено да се направат и неопходните гинеколошки брисеви заедно со уринокултура, како и основни лабораториски анализи.

Трет преглед: околу 20-та гестациска недела, детален ехо-преглед за втор скрининг на аномалии на плодот, ехо-мерење на должината на грлото на матката и основни лабораториски анализи.

Четврти преглед: околу 30-та гестациска недела, ехо-преглед за утврдување на растот и развојот на плодот, заедно со доплер-протоци. Основни лабораториски анализи, а по потреба и скрининг за појава на дијабетес во бременоста.

Петти преглед: околу 34-та гестациска недела, ехо-преглед за утврдување на растот и развојот на плодот. Земање брис за GBS.

Шести преглед: со полна 39-та гестациска недела, пред породување (за ехо-преглед и CTG).
Притоа, во текот на целата бременост, се препорачува, во домашни услови, задолжително правилно и почесто мерење на крвниот притисок и на телесната тежина, кои ако нагло и невообичаено се покачат или евентуално се појават отоци по телото, се препорачува трудницата веднаш да се јави кај својот гинеколог за понатамошен третман.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот