Дојде време од јавниот сектор масовно да одат во приватниот

Аминистрација / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Секојдневно има одлив на кадар од јавниот во приватниот сектор, тврди министерката за труд Јованка Тренчевска. Од приватниот сектор, пак, си заминуваат во странство, а работодавачите бараат увоз на работници

Работниците се во постојана потрага по поплатени работни места. Јавниот сектор веќе не е атрактивен за вработување, а министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во разговор за „Утрински печат“ обелодени дека секојдневно има одлив на кадар од јавниот во приватниот сектор. Но, сепак, нема дејност од приватниот сектор, кој не се жали дека му недостига квалификува и обучен кадар. Состојбата уште повеќе се влоши со сезонските работници што одат на привремена работа, но и големиот траен одлив на работна сила.

Министерката Тренчевска вели дека е алармантно тоа што добрите работници го напуштаат јавниот сектор, со што се создаваат големи проблеми во неговото функционирање.

– Масовно си одат добрите работници од јавен во приватен сектор. Секојдневно си заминуваат и од Министерството за труд и социјална политика. Ние имаме една пријатна комуникација, нема мобинг, така што работниците си заминуваат за поголеми плати. Секаде во светот во јавниот сектор се пониски платите отколку во приватниот, и тоа така треба да биде – рече Тренчевска.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски во разговор за „Утрински печат“ потенцираше дека најголем дел од вработените имаат основана плата околу минималната, а постои и огромно генерализирање дека сите во јавниот сектор не работат, што не е точно.

– Има и министри што велат дека вработени во јавен сектор земаат плата и клатат врата. Тоа е погубно да го кажуваат. Тие се тие што треба да ја организираат работата – вели Деаноски.

Тој потенцира дека во јавниот сектор има примери за многу одговорни професии, а каде платите се недостоинствени.

– Еве , како пример да го земеме судскиот доставувач. Тој ниту има униформа ниту ознака дека е судски доставувач, носи судска пошта за тешки кривични дела, за разни прекршоци, цел ден му довикуваат, го плукаат. Работи од 9 до 17 часот, без никаква заштита од судската власт и има плата 18.300 денари – револтирано кажа Деаноски.

Но, ако се суди по масовно заминување на младите луѓе, тие не се задоволни ниту од платите ниту од условите за работа и во приватниот сектор. Работодавачите во приватниот сектор затоа притискаат да се дозволи олеснет влез на работници од странство.

– Мојот предлог е постепено да се либерализира увозот на странци. Во Македонија постојат веќе неколку агенции за „увоз“ за невработени. Јас добив од една агенција од Скопје понуда за работници од Непал. Значи, таа преговарала, има таму доволно заинтересирани луѓе што имаат искуство веќе со машини за шиење, бидејќи знае дека јас сум од таа бранша, па и ми понуди такво нешто, но сигурно некои разговарале и со други држави. Бангладеш, Пакистан, Филипини, Индонезија се држави каде што имаат трипати пониски плата од нашата и мислам таму може да се разговара – изјави во интервју за МИА Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавачи.

Зоран Кочоски од агенцијата за посредување на работа во странство „Коузон“, кој гостуваше во ТВ „24“, кажа дека увоз на работна сила од земјите од третиот свет е тешко изводливо.

– Носење работна сила од странство во старт чини 2.000 евра од работник поради авионскиот билет, сите дозволи, медицински прегледи и сè друго. Треба да му обезбедите и сместување, превоз, како и интеграција во социјалниот и во здравствениот систем во Македонија – вели Кочоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот