Додека Владата се дума како да се справи со дивеењето на цените, трговците со нови ценовници
Трговците велат дека поради тоа поскапо ги продаваат јајцата (од 90 до 119 денари за пакување од 10), масло за јадење (литар од 88 до 92 денари), кафе (87 денари за 100 грама), лименка од нескафе (419 до 498 денари), мајонез од 660 грама (198 до 250 денари), чоколади од 100 грама од (65 до 87 денари), млеко во тетрапак (66 до 74 денари за литар), јогурт (85 до 92 денари).
Додека јавно се преговара, разговара и дискутира дали ќе се оди на ново замрзнување на маржите или, пак, ќе излезе некоја нова креативна идеја, добавувачите не престануваат да лиферуваат нови ценовници. Трговците велат дека поради тоа поскапо ги продаваат јајцата (90 до 119 денари за пакување од 10), масло за јадење (литар од 88 до 92 денари), кафе (87 денари за 100 грама), лименка од нескафе (419 до 498 денари), мајонез од 660 грама (198 до 250 денари), чоколади од 100 грама од (65 до 87 денари), млеко во тетрапак (66 до 74 денари за литар), јогурт (85 до 92 денари).
Препорачано
Во меѓувреме не мируваа ни пекарите, па повторно ги поскапеа и белите печива, така што сега обичниот ѓеврек чини од 30 до 40 денари, а четврт бурек се продава од 80 до 100 денари итн. Граѓаните се револтирани и сметаат дека Владата нема намера да креира сериозни мерки за да ги смири трговци и добавувачите, кои пак во меѓувреме само си ја префрлаат вината еден на друг. Дека биле џабе сите акции крстени како кошнички, покажа и податоците на Државната статистика, според кои трошоците на животот во јануари годинава, во однос на јануари 2024, бележат зголемување од 4,9 отсто, а индексот на цените на мало раст од 5,2 отсто.
– Дојдоа и поминаа два граѓански бојкоти на маркетите, а Владата сè уште се дума како да се справи со дивеењето на цените. Во меѓувреме, премиерот, ресорниот министер и опозицијата, трговците и добавувачите си разменуваат отровни стрели и обвинувања, но сè уште сме далеку од некое конкретно решение – реагираат граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“.
Така, на пример, од Сојузот на стопански комори пресметаа дека супермаркетите работеле со исклучително ниски профитни маржи од 0,83 отсто, додека производителите и добавувачите уживале значително повисоки маржи од 4,32 отсто, што значи дека трговците не предизвикуваат зголемување на цените. Во меѓувреме Васка Мојсовска од Федерацијата на фармери истакна дека земјоделските производители не се виновни за поскапувањето во маркетите, оти ги продаваат своите производи за ниски цени што ги диктираат откупувачите. Шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, пак, покажа дека кај трговците на мало било утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи што одат дури и до 50 отсто!?
И сега повторно не се знае дали на новата владина седница ќе има некое конкретно решение иако минатата недела Владата го задолжи Министерството за економија да изготви Предлог-одлука за ограничување на маржите на 10 проценти во трговијата на мало и на големо. Во меѓувреме, новоформираната Комора на мали трговци, излезе со контра предлог за поевтинување на 100 до 200 прехранбени производи, средства за хигиена и бебешка храна.
– На состанокот со трговците беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на оваа недела, но министерот за економија и труд е во Катар – ни рекоа од ресорот на Бесар Дурмиши.
Даница Блажевска од „Рептил маркети“, по состанокот на МЕТ, соопшти дека претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи, бидејќи сметале дека така е подобро и повидливо за граѓаните?! На таа листа би се нашле лебот, млекото, овошјето, зеленчукот, зејтинот, како и средствата за хигиена, а мерката пак би траела само од 20 март до 20 април, за да се совпадне со Велигден и Рамазан.
И СДСМ ќе го спасува животниот стандард
Опозициската СДСМ најави дека до Собранието ќе поднесе законски решенија како дел од мерките за кои велат ќе помогнат во спас на економијата и животниот стандард на граѓаните.
Оттаму додаваат дека досегашните политики на кошнички не дадоа резултат, а власта не може да се справи со растечката скапотија и сирoмаштијата.
СДСМ веќе најави 7 мерки, пакет решенија што вклучуваат: намалување на ДДВ за струја од 18 на 5 отсто, укинување на ДДВ за храна на 0 отсто, замрзнување на цените на основните производи, фиксирање на маржите, зголемување на платите во приватниот сектор и спроведување на Законот за нефер трговски практики.


