До НАТО и по него

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Кога гледаме што се случува со историската семејна фотографија на лидерите на земјите членки на НАТО на самитот во Лондон, на која гордо седи и нашиот премиер, нам, „обичните смртници“, ни станува јасно колку сме понекогаш глупи и наивни. И колку малку се разбираме од право и политика. А уште повеќе, ни станува јасно од каде таа фобија во јавноста, која накусо може да се сублимира во реченицата: „Не дај Боже да се оди на избори, а Собранието да не може да го ратификува Протоколот за прием на земјава во НАТО“.

Навистина, можни ли се избори, па и предвремени, без ратификуван прием во најмоќната светска воена Алијанса? И што може се да ѝ се случи на земјава на безбедносен план, во тој „вакуум“ откако сите членки на НАТО ќе дадат „зелено светло“ за прием, до нашето ратификување на истиот документ, таму некаде во далечната иднина, откако ќе се формира нов собраниски состав!? Што ако во тој меѓупериод бидеме нападнати, или ако избие некој поширок воен судир?

Ние се чудиме, ама одговорна влада таков безбедносен ризик не може да си дозволи! А и одговорна опозиција не може да си дозволи до таа мера да не соработува со власта, па да ја доведе земјата во таква опасност!

И затоа, не треба да не чуди што главно прашање во земјава деновиве е – дали може самораспуштен парламент, да се „самосвика“ пред изборите најавени за април доколку се јави итна потреба за тоа? А што може да биде поитно од ратификацијата на Протоколот на НАТО, што ќе ја гарантира безбедноста на земја во ова турбулентно време!? А таа потреба ќе се јави ако Шпанија, последната членка што не ни дала „амин“, во меѓувреме ги реши своите внатрешни проблеми, успее да формира парламент, и како прва точка да ја стави и изгласа Ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Во тој случај, остануваме само ние, а без нашето „да“, тие 29 ратификации се џабе! А кај нас, изборите распишани, Собранието распуштено, нема кој, мора да се бара „правна солуција“. Опциите се само две – повторно свикување на Собранието или одлагање на изборите. А бидејќи „зборот е збор“ нели, а лидерската средба е највисока „светиња“ во нашава демократија, одлагање на предвремените избори не доаѓа предвид!

Е сега, останува проблем дали тоа „самосвикување“ е противуставно, како што велат некои здодевни експерти, и како таа противуставност може да се „надмине“? Со некоја амнестија за уставни судии, со по некој тендер за нив, со што ли? Ајде, полесно е за оној непрокопсан спикер, кој сега нашол да тера „мак на конац“ па вели дека не може да го свика Собранието, оти и нему, како и на другите, ќе му завршел мандатот. Тој може да се убеди со некое амбасадорско местенце.

Или пак, може, како што предлага конструктивната ни опозиција, ние Протоколот да го ратификуваме „авансно“, пред да го самораспуштиме парламентот, и да кажеме , дека таа ратификација „стапува во сила откако шпанскиот Кортес Хенералес“ (или што и да е) ќе го ратификува истиот протокол“? Можеби ќе звучи малку блесаво во нашиот „Службен весник“, ама нема да ни биде првпат, нели? Важно е да се заврши работата и да се преброди „вакуумот“.

Ете, со такви танталови маки од правна природа се ’рва нашиот политички врв, драги мои, а ние, ни фала не сме му рекле, уверени дека е лесно земјата да се внесе во НАТО. Такви неблагодарни, и правно неедуцирани, како што нè дал Господ, ние наивно си мислиме дека не би требало да е голем проблем да се почека идниот парламент, кога ќе се формира, да го ратификува Протоколот. Па белки имаме досега усвоено некој собраниски документ кој ја кажува нашата волја да влеземе во НАТО? Белким имаме некој „папир“ дека никој со сила не нè турнал во НАТО-процедурата? И можеби нема некој баш во тој период од месец, два, три, да го загрози нашиот територијален суверенитет и интегритет? И најпосле, и ако нè нападне некоја грдна воена сила, можеби НАТО ќе застане зад нас, колку-толку, како земја „со минус еден потпис“ на Протоколот, или барем како членка на Партнерство за мир? Или и тие се толкави легалисти и процедуралци, мајку му!

Додуша, ние такви неписмени, се чудевме и зошто мораше да има предвремени парламентарни избори кога не ни дадоа датум во Брисел. Па никаде не гореше, редовните избори не се далеку. Си мислиме, единствена оправдана причина да се распишат предвремени избори може да биде ако Собранието од некои причини не може да функционира, ако не може да се состави влада, ама и тоа сме виделе, дека и без влада проблемите исто така се решаваат, или не се решаваат, како и со влада. Барем на кус рок. Значи, не можевме да видиме некој државен интерес, туку само партиски, во предвремени избори и самораспуштање на парламентот, ама така е тоа, кога  очигледно не се разбираме во политика.

Ништо не ни беше јасно се додека оваа општонародна кампања, доведена до екстаза, со сликите за НАТО од Лондон, на кои гордо седи и нашиот премиер, тие восклици и триумфалистички фотомонтажи, споделувани од армијата партиски ботови, не ни ги отворија очите. Дека единствена причина зошто ни треба приемот во НАТО пред избори е – за да се сликаме! Поточно, да се сликаме сите, поединечно, групно, фамилијарно и општонародно со членството во НАТО. На сите општонародни веселби и карвани, кои по тој повод, токму среде изборната кампања, пригодно ќе бидат организирани по повод големиот настан. И тие ќе бидат државен и владин, а не партиски настан, затоа што одговорни партии, како што се нашите владејачки, не би си дозволиле да злоупотребат еден таков настан од државно значење, во предизборни, партиски цели. Тоа се случуваше во некои недемократски и мрачни времиња, но не и во една демократска земја членка на НАТО, со јасен курс да стане утре и членка на ЕУ. Скраја било.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот