До крајот на септември потрошени 44,3 проценти од буџетите

Фото: Радио Слободна Европа

Парите што не ги потрошија институциите за капитални инвестиции за оваа година, сепак ќе најдат намена за директна помош на граѓаните и на стопанството за санирање на здравствено-економската криза. До 30 септември, според податоците на Министерството за финансии, неискористени останале дури 176 милиони евра од планираните над 315 милиони евра за капитални инвестиции.

Односно до крајот на деветтиот месец, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 44,3 проценти. Остатокот од сумата ќе покрие речиси една третина од четвртиот пакет мерки, кој е предвиден да тежи 470 милиони евра. Сепак, колку реално ќе се пренаменат средства, ќе се знае откако ќе помине предлог-ребалансот на Буџетот во Собранието. Според првичните пресметки, мерките ќе се финансираат со пренамена на непотрошеното за капитални проекти, а тука се и неискористените средства од задолжувањето годинава, кое досега изнесува 1 милијарда евра.

-Ќе видиме за реалокација на средствата и евентуално дополнително финансирање, дали ќе биде од резервната база од буџетот или ќе има дополнителен заем – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Стопанствениците не се најзадоволни што повторно страдаат капиталните проекти, но јасно им е дека нема којзнае колкав простор за друг маневар во моментов. И вицепремиерот Фатмир Битиќи се согласува дека во период на сурова борба со здравствено-економската криза, мора да се крати секаде каде што тоа се смета за неприоритетно како трошок. 

Што се однесува до трошењата на институциите, дел од нив и до крајот на септември не потрошиле ниту денар. Тоа, на пример, се Бирото за судски вештачења, кое имало на располагање над 30 илјади евра, или Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која имала доделени 2.700 евра. Со „нула“ потрошени буџети се и Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Иако се мислеше дека по правата половина од годината, ќе има поголемо раздвижување до крајот на фискалната година, корона-кризата и изборите максимално ги запреа инвестициите.

Според податоците на ресорното министерство, прва и речиси во целост (98,42 проценти), парите ги потрошила Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапкa од работен однос. Таа добила буџет од само 569 евра и за трошење ѝ останале уште 9 евра. На второ место по искористеност е Државниот инспекторат за техничка инспекција со 94,25 проценти. Добар реализатор е и Управата за матични книги со искористеност од 94,4 проценти, но и Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РСМ.  Во друштвото на „штедливите“ се ПИОМ, кој до 30 септември, успеал да потроши само 0,2 проценти од својот буџет. Собранието реализирало само 3,8 проценти од својот буџет, а Државниот завод за ревизија нешто повеќе од 7 проценти. Штедлива била и Државната комисија за спречување на корупцијата, со само 0.04 проценти, додека Државната изборна комисија реализирала 8,14 отсто од доделените средства. Уставниот суд потрошил една третина од буџетот ( 32,7 отсто), но Службата за општи и заеднички работи на Владата стигнала до потрошени 83,8 проценти од својот буџет.

Кабинетот на Претседателот на РСМ, до крајот на деветтиот месец, не мрднал од скромно потрошените 1.780 евра од буџетски предвидените 58.536 евра, односно само 3,04 проценти. Министерството за економија не стигнало ни до 10 отсто од потрошените средства (9,84 отсто), а Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони потрошила речиси половина од буџетот ( 49,3 отсто).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот