Дивоградбата кај амбулантата во Ченто пред свечено отворање, надлежните молчат

Фото: Слободен печат

Дивоградбата во близина на здравствениот дом во Ченто е веќе готова, а надлежните од Општина Гази Баба се без одговор како и зошто дозволиле таа да биде изградена. Три ипол месеци откако „Слободен печат“ пишуваше за случајот со нелегална градба на улица „Маџари“ која се гради на државно земјиште и за која градоначалникот на општината, Борис Георгиевски тврдеше дека „нема никакви шанси да се легализира“, таа веќе е речиси готова и се поплочува приодот кон објектот.

Георгиевски: Нема да ја легализираме дивоградбата кај поликлиниката Ченто

„Крајно револтирани сме од градоначалникот на Гази Баба и неговата желба за лесни пари и непочитување на законот. Повеќе време незаконски се гради на државно земјиште, на диво и по сите новинарски екипи поминати градбата е скоро готова. И додека ние како обични граѓани треба да и плаќаме на државата комуналии, да собираме документи, некои очигледно можат да си градат како сакаат и никому ништо“, вели жител од соседството, кој побара да остане анонимен откако некои негови соседи кои давале изјави за медиуми или се обидувале да го фотографираат објектот, се соочиле со закани од луѓето кои градат.

Катастарската парцела на која се гради овој објект и припаѓа на државата, додека, пак, објектот кој стоел на неа, односно бараката која во минатото имала општествени намени, била продадена на лицето Исни Адеми, кој е инвеститор на новиот објект. Тој од Општина Гази Баба добил дозвола за реконструкција на бараката, но изградил неколкукратно поголем објект, со голем габарит, узурпирајќи државно земјиште. Во деталниот урбанистички план на Гази Баба, оваа парцела е со намена за јавни површини – тротоари, паркинг и зеленило, во рамките на ГУП за Скопје, кој на овој простор предвидел А-домување, односно индивидуални станбени објекти и помошни урбани содржини.

Градоначалникот на Гази Баба, Георгиевски, како и овластената градежна инспекторка на општината, Милка Петковска два дена не одгововараа на телефонските повици при нашите обиди да ги контактираме, иако претходно беа известени со пораки за што точно ги бараме. Градилиштето на улица „Маџари“ и натаму е без информативна табла на која треба да стои називот на инвеститорот и бројот на решението за градба, што е законска обврска.

Фото: Слободен печат

Градежната инспекторка Петковска во разговор за „Слободен печат“ во јуни потврди дека инвеститорот добил дозвола за реконструкција на дрвена барака која таму постоела и дека новата градба ги надминала параметрите на дозволата, поради што таа издала решение за прекин на градба.

Во меѓувреме, инвеститорот ја обжалил одлуката на инспекторката на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, која донела решение со кое е поништена одлуката на инспекторката и предметот е вратен на повторно одлучување.

Жителите на овој крај, кои нѐ контактираа, уште кон крајот на мај иницирале петиција со над 200 потписи, која ја доставиле до Советот на општината и до градоначалникот, до државен инспекторат, до разни инспекции и институции, но без резултат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот