Георгиевски: Нема да ја легализираме дивоградбата кај поликлиниката Ченто

Фото: илустрација

Иако општинскиот градежен инспектор уште на 11 мај годинава донел решение за запирање на градбата, инвеститорот продолжува да гради непречено, а самото градилиште е необележано.

Нема никакви шанси објектот во Ченто кај поликлиниката да се легализира, вели за „Слободен печат“ градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, во одговор на прашањето како е можно да продолжува изградбата на овој објект, кој без дозвола се издигнува среде населбата, иако Општина Гази Баба тврди дека ги презела сите потребни чекори.

Жителите на Ченто секојдневно реагираат на огромната градба која од пред два месеца никнува среде населбата на местото на некогашна барака, на државно земјиште. Наместо реконструкција на бараката, биле поставени темели на објект голем колку станбена зграда. Иако општинскиот градежен инспектор  уште на 11 мај годинава донел решение за стопирање на изградбата, инвеститорот продолжува да гради непречено, а самото градилиште е необележано. Во меѓувреме, исчезнала и таблата на која стоело одобрението за реконструкција и скицата на идниот објект, кој требало да биде приземна барака.

– Ние не сме издале никаква друга дозвола освен дозвола за реконструкција и во секој момент можеме да донесеме решение со кое на сопственикот ќе му биде оставена на располагање опцијата самиот да го урне објектот или да го направиме тоа ние, на негова сметка – вели градоначалникот на Гази Баба и додава дека чекаат да поминат сите законски рокови за евентуални жалби на инвеститорот.

Според достапните информации, сепак, инвеститорот на овој објект досега не се пожалил кај второстепената комисија за жалби на решението на Гази Баба.

Жителите на населбата со кои разговаравме се разочарани бидејќи градбата непречено се издигнува и покрај ветувањата на градоначалникот дека тој нема да дозволи дивоградби во Гази Баба. Стравувањата се дека инвеститорот, на кој никој не му попречува и натаму да си гради, изграденото потоа на некој начин ќе го легализира.

– Нема по која законска основа тој да биде легализиран оти сега ниту стариот закон важи, ниту пак новиот има шанса да биде скоро донесен во Собранието. Нема тука простор за сомнеж дека некој закон за легализација ќе го фати – уверува Георгиевски.

Како општина во моментов не легализираме дивоградби, додава тој, но имаме обврска од околу 5.800 објекти што се стари предмети од 2011 година, да ги завршиме. Спорната градба не е меѓу нив.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот