Директорот на МЕПСО открива: Има недостиг на струја, земаме од европската мрежа без најава – треба да ја платиме,а ако продолжи трендот ќе има рестрикции

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО/ Фото: Screenshot/ТВ Телма

Генералниот директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани во интервју за Телевизија Телма открива дека Република Северна Македонија се соочува со недостиг на електрична енергија и дека е тоа поради намаленото производство во земјава наспорти зголемената потрошувачка на струја.

-Еве еден типичен диспечерски извештај, тука се хидроцентралите, термоцентралите, обновливите извори на енергија и ТЕ-ТО како независен произведувач и имаме значи во секој час колку се произведува електрична енергија, тука се некаде, еве за 23.10, некаде најмногу што имавме е 500 мегавати, а конзумот во тој час бил значи, 1000 мегавати. Значи ние, производството плус увозот се гледа тука разликата од 315 мегавати, ни фалат во мрежата, значи имаме помало производство од колку што потрошуваме, објаснува Рамадани за Телма и додава дека тие 315 мегавати се преземаат од европската мрежа бидејќи целата мрежа во Европа е поврзана и тој недостиг се презема од оваа мрежа без најава.

Долгот кон европската мрежа ќе мора да се плати, дециден е Рамадани кој стравува дека со енергетската криза и влегувањето во зимскиот период, ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија и долгот ќе порасне.

-Досега имаме добиено 4 предупредувања од центарот во Швајцарија, кој ги прави пресметките, има специјални алатки, на 15 минутно ниво гледаат кој колку отстапува во мрежата и затоа не имаат предупредено дека ние преземаме нон-стоп енергија од мрежата што не е дозволено. Оваа енергија, значи можно е да се користи во случај на хаварија, ама ние знаејќи дека немаме никаква хаварија кај нас, се знае дека ние оваа енергија ја преземаме за снабдување на потрошувачите што е спротивно на сите правила, вели Рамадани.

Според пресметките на МЕПСО, до 5-ти ноември или пак до средината од наредниот месец оваа електрична енергија чини околу 10 милиони евра и треба да се плати кон Европа до средината на ноември и дотогаш сумата може да достигне и до 15 милиони евра.

-Ние оваа енергија треба да ја платиме. Знаејќи дека МЕПСО од преносната тарифа има вкупен годишен приход од 30 милиони евра, ние кога ќе ги платиме овие 15 милиони евра , ако бидат 15 милиони евра на крајот на месецот, ова ќе биде голем удар врз ликвидноста на МЕПСО. Ние апсолутно ги немаме тие средства на сметка за да можеме да ги исплатиме кон Европа, искрен е директорот Рамадани.

Поради долгот кон европската мрежа како и поради фактот што во земјава нема доволно вода за производство на електрична енергија во хидроцентралите, генералниот директор спомна дека се можни рестрикции на струја во наредниот период или пак количините што недостасуваат електричната мрежа да се обезбедат на слободниот пазар.

Од МЕПСО бараат Владата да ги покрие трошоците кон европската мрежа, а ЕСМ да обезбеди производство на електрична енергија од хидроелектраните, а да ги вклучи и термоелектраните и сите останати реални капацитети за да се надмине енергетската криза во државата, за да не се случуваат рестрикции и во 21 век.

Извор: ТВ Телма

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот