ДИК ќе ги врати избришаните од Избирачкиот список со истечени лични карти

Избори Фото: МИА

Нема да бидат продолжени роковите во врска со списокот. Јавниот увид ќе трае до 18 март, а Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна до 2 април, велат од Државната изборна комисија

Граѓаните со истечени лични карти и пасоши што во моментов ги нема на Избирачкиот список, деновиве повторно ќе бидат внесени, информираат од Државната изборна комисија (ДИК). Во ДИК велат дека измените на Изборниот законик се стапени на сила и вчера очекуваа Министерството за внатрешни работи да им ги достави податоците за лицата, на кои личните карти и патните исправи им истекле во периодот до девет месеци пред гласањето. Потоа неколку денови ќе трае проверката на податоците, по што ДИК ќе ги врати овие граѓани на Избирачкиот список.

– По измените на Изборниот законик ги побаравме податоците од МВР и ќе го ажурираме Избирачкиот список. Нема да бидат продолжени роковите во врска со списокот. Јавниот увид ќе трае до 18 март, а Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна до 2 април – велат од ДИК за „Слободен печат“.

Оттаму најавуваат дека деновиве ќе објават посебно упатство за избирачките одбори и за граѓаните на кој начин ќе се врши идентификацијата на гласачите на претстојните претседателски избори – на 24 април, и на парламентарните – на 8 мај.

Колкумина ќе има на Избирачкиот список?

Собранието минатиот четврток донесе измени и дополнувања на Изборниот законик, со кои се изврши усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а на предлог на ДИК, во преодни и завршни одредби се предвиде дека „за изборите што ќе се одржат во 2024 година избирачите ќе може да гласаат со лична карта или патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите“. ДИК овој предлог до Собранието го дала уште пред шест месеци, кога стана јасно дека сите граѓани нема да успеат да ги заменат навреме личните документи за идентификација, односно патните исправи со старото уставно име на државата, кои заради усогласувањето со Преспанскиот договор престанаа да важат на 12 февруари 2024 година. Проблемот се актуализираше пред две недели, кога техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изнесе податок од анализа на МВР дека повеќе од 100.000 граѓани се со истечени лични карти, немаат нови, а имаат стари пасоши што не се валидни за идентификација, па поради тоа ќе го изгубат правото на глас.

Засега не е познато за колку ќе се зголеми Избирачкиот список, но извесно е дека нема да се зголеми за 100.000 гласачи. Во овој момент, според веб-страницата на ДИК се запишани 1.798.110 гласачи. На претходните парламентарни избори во 2020 година, беа запишани 1.814.263 избирачи, а на претседателските во 2019 година беа запишани 1.808.131 избирачи. На локалните во 2021 година имаше 1.824.864 гласачи, а на претходните во 2017 година – 1.816.864 гласачи.

По донесувањето на законските измени, техничкиот премиер Талат Џафери рече дека тие нема целосно да го решат проблемот со валидноста на документите во изборниот процес и побара да им се овозможи на граѓаните да гласаат со стари документи, без разлика кога им истекле. Џафери посочи дека дел од оние со истечени документи што гласале на првиот круг од претседателските избори на 24 април, нема да можат да гласаат на 8 мај.

Од законското решение произлегува дека во првиот круг ќе може да гласаат сите на кои личните документи им се истечени во периодот од 24 јули 2023 година до денот на изборите, а во вториот круг ќе можат да гласаат оние на кои документите им истекле од 8 август 2023 до денот на гласањето.

Од ДИК за „Слободен печат“ велат дека нема да бараат нови законски измени.

– Измените се усвоени, ние ќе ги спроведеме изборите според законот каков што е – велат од ДИК.

Во Собранието засега нема најави дека пратениците ќе побараат нови измени на законот.

Со измените на Изборниот законик отсега е овозможено на Избирачкиот список да бидат ставени и лицата кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите и со тоа ќе се здобијат со право на глас.

Во Германија ќе гласаат најмногу иселени

На јавниот увид досега, заклучно со 11 март, 3.994 граѓани направиле увид во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии на ДИК. Од нив, шест лица барале промена на податоците, девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а петмина побарале бришење. Граѓаните можат да проверат дали се на списокот и електронски, на веб-страницата на ДИК, а можат да поднесат и барање за измени. Досега 21 лице поднело барање за промена на податоци по електронски пат, од кои три лица побарале бришење, а седум лица запишување во Избирачкиот список.

Според информациите од апликација на ДИК за регистрација на гласачите во дијаспората, до вчера попладне беа пријавени 1.047 граѓани, од кои прифатени се 742, необработени се 170, а одбиени 133.

Најмногу пријави има од македонски иселеници во Германија – 241, потоа во Словенија (146), САД (109), Швајцарија (58) и Хрватска (44). Во Австралија засега се пријавиле 30 гласачи, а во Канада 24. Во Русија досега се пријавиле осум гласачи, а во Украина еден.

Досега еден од условите за некој да може да гласа во дијаспората беше да има важечка патна исправа, но со измените на Изборниот законик тој услов е избришан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот