Дескоска и Спасовски ќе земат учество на конференција за ставање крај на насилството врз децата на Западен Балкан

Претставници од земјите од Западен Балкан денеска и утре во Скопје ќе учествуваат на конференција на високо ниво „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата на Западен Балкан”.

На конференцијата, чиј домаќин е Владата на Република Северна Македонија со поддршка од УНИЦЕФ, е најавено присуство на околу 500 учесници.

Според агендата, конференцијата ќе ја отворат претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани и шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Владите на земјите од Западен Балкан се обврзаа да ги забрзаат постапките за ставање крај на сите форми на насилство врз децата до 2030 година, како дел од Целите за одржлив развој.

Во текот на двата дена на конференцијата, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска заедно со меѓународни експерти и регионални и национални практичари ќе учествуваат во сесии посветени на превенција, градење отпорност и таргетирана детска заштита.

Утре на конференцијата ќе учествуваат и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска.

На завршната церемонија Владата ќе се заложи за пристапување кон Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот