Денеска започнува Божиќниот пост: Трае 40 дена, а ова се правилата за верниците
Денеска е првиот ден од Божиќниот пост, се слави на 15 ноември по стариот, односно 28 ноември по новиот календар.
Постот не подразбира еднолична диета или глад, туку избалансирана исхрана со намирници од растително потекло. Православните верници денес го започнуваат Божиќниот пост кој ќе трае 40 дена.
Препорачано
Со него се подготвуваат за најрадосниот христијански празник – раѓањето на Исус Христос, Божиќ. Постот е духовна одлука која подразбира воздржување од одредени намирници, особено од оние од животинско потекло.
Божиќниот пост започнува на 28 ноември и трае до православниот Божиќ на 7 јануари. Во овој период верниците се воздржуваат од месо, млечни производи и јајца.
Меѓутоа, потребно е целосно да се исклучат и лошите мисли и дела. Значи, постот се состои од воздржување од мрсна храна, зли мисли, грешни желби и лоши дела, но и во умножување на молитвите и добрината. Подвигот на постот е и телесен и духовен.
Православното христијанско учење е јасно: постот е духовна храна, подготовка за светата тајна причест, совладување на искушенијата и стремеж кон чистота на духот и телото.
Покрај духовниот аспект, постот има и позитивни ефекти врз организмот, бидејќи во следните 40 дена доаѓа до детоксикација. Бидејќи во текот на постот се користат исклучиво намирници од растително потекло – богати со протеини, витамини, минерали и растителни влакна – постот има многу позитивен ефект врз здравјето.
За време на постот, многу верници не се сигурни која храна е навистина посна и што е дозволено да се јаде кога се пости „на вода“, а што кога се пости „на масло“.
Правила на постот:
- Строго се пости (на вода) секоја среда и петок.
- Понеделник, вторник и четврток – дозволено е масло и вино.
- Сабота и недела – дозволена е риба, освен во одредени посебни денови.
- На Бадник се пости најстрого – верниците се на вода сè до вечерата.
Објаснување:
- Пост на вода: посна храна која не е приготвена со масло и не содржи масло.
- Пост на масло: посни јадења приготвени со масло или што содржат масло.
- Пост со риба: се пости на масло, но тој ден се дозволени риба и вино.
Според христијанското учење, Божиќниот пост е воспоставен по примерот на Исус Христос, кој според преданието, 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Божиќниот пост не одел секогаш 40 дена – оваа одлука била донесена на Севселенскиот собор во 1166 година, до кога постот траел само седум дена.


