Денес се празнува Светиот маченик Јустин Философ

Роден од родители грци во самарјанскиот град Сихем, подоцна наречен Наблус, во 105 година после Христа. Усрдно ја бараше мудроста кај философите, најпрво кај стоиците, потоа кај перипатетичарите, па кај питагорејците и најпосле кај платоничарите.

Иако ни Платоновата философија не го задоволуваше, сепак најдолго се задржа на неа, бидејќи не наоѓаше нешто што повеќе би го привлекувало. По Божја Промисла, му се јави еден чесен старец, кој ја поколеба во него сета Платонова философија и му напомена дека луѓето не можат да ја знаат вистината за Бога додека Бог не им го открие тоа, а Бог ја откри вистината за Себеси во книгите на Светото Писмо.

Јустин почна да го чита Светото Писмо и сиот стана убеден христијанин. Сепак не сакаше да се крсти ниту да се нарекува христијанин сè додека лично не се увери во лажноста на сите обвиненија коишто незнабошците ги истакнуваа против христијаните. Со оглед дека во Рим дојде во философска долама, тој набрзо стекна таму голем углед и многубројни приврзаници.

Присуствуваше на маченичкото кончание на светите маченици Птоломеј и Лукиј. Кога го виде мачењето на невините христијани, напиша апологија на христијаните и на христијанското учење и му ја предаде на царот Антонин и на сенатот.

Царот со внимание ја прочита апологијата и нареди да престане гонењето на христијаните. Јустин зеде препис од царската наредба и со неа отиде во Азија, каде што со помош на наредбата спаси многумина гонети хтристијани. Потоа се врати повторно во Рим. Кога настана гонењето од царот Марко Аврелиј, тој напиша друга апологија и му ја упати на царот.

Некој нечесен философ Крискент, циник, го обвини како христијанин, од завист затоа што Јустин го надвладуваше во сите препирки и така Јустин падна во затвор. Посакувајќи му смрт, а плашејќи се сепак да не се оправда на судот, Крискент најде прилика и некако го отру Јустин во затворот. Така го заврши својот земен живот овој голем заштитник на христијанската вера и се пресели во блажената вечност во 166 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот