Дејтон во Слупчане

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Последниот состанок меѓу мештаните и претставниците на ЕВН сè уште нема завршница – се договорија повторно да се договараат, но и покрај демантите дека „половина влада е вклучена во своевидниот Дејтон во Слупчане“, очигледно е дека без некакво поангажирано посредување, нема да се дојде до соодветно решение за модернизирање на мрежата и намирување на старите долгови

Секој први во месецот стотици граѓани трпеливо чекаат пред пунктовите на ЕВН да си ги платат сметките за струја. Меѓу овие домаќини, најбројни се пензионерите, кои се најредовни плаќачи и кои попрво ќе се откажат од сè друго за да не им остане долг кон државата. Од друга страна, има и некои други „домаќини“, кои своето незадоволство од сметките за потрошената енергија се решија да го манифестираат со кинење на главниот кабел и предизвикаа сериозен дефект што ги остави без струја не само Слупчане, туку и три соседни села. Па иако наплатата на сметките во ова село е едвај 20 проценти, премиерот Ковачевски истакна дека „станувало збор за луѓе домаќини, а дека само поединци биле неплаќачи“.

Дали е сериозно во 21 век за неплатени сметки за струја да има мировен процес, дотолку повеќе што вкупните годишни загуби поради кражбите во село Слупчане изнесуваат над 1 милион евра, односно околу 6 гигават-часа? Процентуално, 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а од бандерите висат диво приклучени кабли, поставени според принципот „сам свој мајстор“. Последниот состанок меѓу мештаните и претставниците на ЕВН сè уште нема завршница – се договорија повторно да се договараат, но и покрај демантите дека „половина влада е вклучена во своевидниот Дејтон во Слупчане“, очигледно е дека без некакво поангажирано посредување, нема да се дојде до соодветно решение за модернизирање на мрежата и за намирување на старите долгови.

Проблемите во Слупчане го вратија сеќавањето на ланскиот август, кога како последица на големото преоптоварување на трафостаниците поради континуираното незаконско користење на струјата на дел од жителите во скопско Арачиново, околу 80 отсто од домаќинствата останаа без струја. Екипите на ЕВН се пожалија дека таму често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, па така со денови не можеше да се создадат услови за нормално функционирање, како за отстранување на дефектите, така и за реконструкција и модернизација на мрежата. По мачни и тешки преговори, во кои повторно како преговарачи беа вклучени и дел од владините министри, арачиновци добија струја, а ЕВН – ветување дека во иднина сметките ќе се плаќаат редовно, а броилата нема да се оштетуваат или да се манипулираат. И тогаш како и во случајот со Слупчане беше посочено дека „кражби на струја односно загуби во системот имало во речиси сите општини низ државата и немало потреба да се таргетира Арачиново како главен проблем и извор на кражби“! Апсолутно се согласуваме со ваквата констатација, како и со фактот дека секаде има разни сорти домаќини, но кај најголемиот дел од македонските граѓани останува дилемата дали тие се граѓани од втор ред доколку навреме и редовно си ги плаќаат сметките?!

И додека траат тешките и мачни преговори, се добива впечаток дека за македонските институции нема ништо спорно во тоа што на територијата на Општина Липково мораа да се вмешаат политички партии, локалната самоуправа, па и министри за да може вработените од ЕВН да си ја вршат работата. Министерот за внатрешни работи дури тврдеше дека „немало педа македонска територија каде што не постапувала македонската полиција“, но немаше одговор зошто 48 часа не беше дозволен влез на екипите на ЕВН во Слупчане.

На македонските граѓани им е дадено ветување дека од декември ќе им се врати евтината струја, но според анализата на ЕВН проблеми со прилагодување ќе има кај најмалку 50 илјади броила. Во земјава треба да се прилагодат околу 800 илјади броила, но кај 6 до 7 отсто има проблеми при нивното сетирање, бидејќи нивните сопственици се иселиле од државата, а нивните куќи се затворени. И тука се нотира проблемот на граѓаните што даваат отпор и не овозможуваат пристап до струјомерите, а оправдувањето е  дека на ваков начин ќе им бидат наплатени повисоки сметки!

Од почетокот на економско-енергетската криза се остварија предупредувањата дека струјата веќе нема да биде социјална категорија, но не смее да се дозволат сомнежи во реалноста на сумите во фактурите за електрична енергија. Од Канцеларијата на Народниот правобранител постојано нотираат дека се преплавени со поплаки од граѓаните за нередовно читање на струјомерите и за високи сметки што им биле испорачувани по читањето. До Организацијата на потрошувачите, пак, стигнуваат реакции од граѓани затоа што поради честите прекини на струјата им се расипуваат апаратите во домаќинството. Пак како што најголемиот дел од граѓаните, редовно си ги намируваат сметките, редно е и ЕВН соодветно да ги услужи…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот