DANKE FEDERER!

Фото: Ерол Шаќири

Се извинувам однапред што текстот не е посветен на Новак Ѓоковиќ, победникот на историското финале, на најдолготрајното финале на Вимболдон, траеше 4 часа и 57 минути, и можеби најдоброто финале на сите времиња. Новак ги заслужува сите почести, стана еден од најдобрите во историјата на оваа игра и докажа уште еднаш зашто е моментално најдобриот тенисер во светот. Овој текст, сепак, е посветен на НАЈДОБРИОТ на сите времиња, Роџер Федерер, го пишувам сега затоа што мислам дека ова беше неговото последно финале, а се молам на Господ да грешам.

Како започна се?

6 Јули 2003 година, денот што го означи почетокот на новата ера во модерниот тенис, денот кога „белиот спорт“ се промени засекогаш. Во тек е финалето на „светското првенство“ во тенис на All England Club во Вимболдон, Лондон, најпрестижниот турнир според многумина. На едната страна е Марк Филипузис, а на другата Роџер Федерер. Тај брејк, трет сет, водство на Федерер од 2:0 во сетови, 6:3 во поени, после две изгубени меч топки на сервис е Федерер. Времето е застанато, во арената посетителите не дишат, гулабите кои се чести посетители на арената не летаат, ветерот не дува, се слуша само звукот од топчето кога ја допира тревната површина додека Федерер се спрема да сервира. Висок сервис на бекхенд страната на Филипузис, ритернот завршува во мрежата, тоа е тоа, првата Гренд Слем победа, Федерер е на тревникот, легнат, плаче како мало дете ни самиот свесен што навистина се случи, ни самиот свесен дека во овој момент почна да се пишува новата историја на тенисот. Пред само две години го победи неговиот идол во четвртата рунда, уште еден великан на овој спорт Пит Сампрас и „го прати во пензија“, но загуби во четврт-финалето од „домашниот“ Тим Хенман, а сега е шампион, светски шампион (тоа беше годината кога Горан Иванишевиќ со вајлд карта, како 125 носител на АТП листата го освои Вимболдон за првпат, воедно и негов единствен Гренд Слем).

Од тој ден па навака овој човек ги освои срцата на милијарди луѓе во овој свет, со неговата игра доведена до совршенство, со неговата елеганција, со неговата сталоженост, фер плеј, со неговата емоција, каде и да играл гледачите биле на негова страна. Го победувал Енди Родик на УСА Опен, Американците го славеле, Енду Мареј на Вимболдон, Британците го славеле, Надал го добивал на Мадрид Опен, Шпанците не му се лутеле. Не играл никогаш во Белград, но и да играл и да го победил Новак во сред Белград, мислам дека ни Србите не би му се лутеле, напротив, би му аплаудирале. Едноставно, човекот го покори светот, каде и да игра гледачите се на негова страна, нешто неверојатно, нешто за што неговите ривали отворено „му се лутеле“, нему и на публиката.

Кога би се пишувала книга за тенис, емпириско истражување не е потребно, доволен е еден меч негов да се погледа. Перфектен форхенд, еднорачен бекхенд доведен до совршенство, феноменален сервис, совршен слајз удар, за “дроп шот“ да не правам муабет. Извонредно чувство за игра на мрежа, страшна антиципација, беспрекорен сервис волеј, едноставно има се. Тој танцува на теренот, спонтаната инспирација и мотивација и неговото чувство за импровизација создаваат Рапсодија. Тоа го прави со таква една леснотија, со таква елеганција што кога го гледате ќе помислите тенисот е многу лесна и едноставна игра. Кога на сето ова ќе ги додате неговата достоинственост во поразот и победите и неговата емоција, тогаш заклучувате дека Федерер не е човек.

Неговиот пристап кон играта, неговата љубов кон тенисот се надреални, тоа е најголемата разлика меѓу Федерер и останатите. За да ви биде појасно за што зборувам, погледнете го финалето на Аустралија Опен од 2009 година. Во тој момент Федерер имаше освоено се што можеше да се освои, играше уште едно финале со Надал, и го изгуби. На церемонијата не можеше да зборува, само изусти „ме убива“ и почна да плаче и да рони солзи, крокодилски солзи, овој плач негов беше поголем и поемоционален од сите негови солзи радосници пуштени по многуте големи победи. Плаче Федерер, плаче Мирослава, плаче пола свет, плачам и јас. Не можев да се соземам со часови. Ова е разликата помеѓу него и останатите, само тој ја има моќта да ве направи да чувствувате што тој чувствува, да станете едно, затоа и неговите ривали никогаш не му се лутеле што ги победувал. Еден од неговите најголеми „пациенти“ Енди Родик, кој изгуби четири Гренд Слам финалиња од него, три на Вимболдон и едно на УСА Опен, по последниот пораз во 2009 на Вимболдон, меч што е окарактеризиран како еден од најголемите во историјата (победа во петтиот сет со 16:14), изјави: „дури не можам да го мразам Федерер, затоа што е толку фин“. После тоа епско финале, Федерер на неговиот тим во соблекувалната не им дозволил да прославуваат од почит кон емоционално уништениот противник. Години подоцна, Енди го интервјуира Роџер и го прашува каде ја наоѓа мотивацијата се уште, овој одговара: „едноставно е, САКАМ ДА ПОБЕДУВАМ ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО МРАЗАМ ДА ГУБАМ“. Прочитајте повторно горната реченица, таа е суштината, таа е разликата помеѓу Федерер и сите останати.

За неговиот однос кон животот, кон светот, надвор од тениските терени што да се каже. Не постои ниеден скандал врзан со Роџер, фамилијарен човек, татко на четири деца. Сопругата ја запознал во Атина на Олимпијада кога таа имала само 16 години, двајцата биле членови на швајцарската олимписка тениска репрезентација. Федерер пред 16 години основаше филантропска фондација која е инволвирана во десетина едукативни проекти за африканските деца (Малави, Замбија, Зимбабве, Боцвана, Јужна Африка, Намибија) и швајцарските деца кои се под ризик на социјална маргинализација. Досега неговата фондација инволвирала повеќе од 1 милион дечиња, повеќе од 7.500 учители, 1.555 градинки и училишта. Емоционална е неговата одлука за основање на Фондацијата, во чија програма верува и е длабоко инволвиран. Многу често оди на терен да ги посети дечињата, а велат дека состаноци на Бордот на Фондацијата не се одржуваат без негово присуство, ниту пак може да се донесе важна одлука без него. Неговото мото е „Верувам во моќта на луѓето“.

Шеснаесет години подоцна, 14 Јули 2019, повторно финале на Centre Court, All England Club во Вимболдон и повторно игра Роџер. Овој пат на другата страна е моменталниот број 1 во светскиот тенис, феноменалниот Новак Ѓоковиќ, популарниот Ноле. Новак, сега носител на 16 Гренд Слем титули, Федерер рекордни 20, Надал, пак, има 18. Ова беше 5-та титула за Ноле на Вимболдон и се израмни со Бјорн Борг, Роџер, пак, има рекордни 8 титули и по се изгледа ќе остане на толку. Ова беше нивниот 48-ми меѓусебен дуел, Ноле води со 26:22 ако воппшто е тоа важно. Информација за статистичарите, која е небитна, зашто овие гиганти не играат за статистика, играат за и во име на спортот.

Нивните мечеви спаѓаат во групата на светски тениски класици, посебно мечевите на УСА Опен 2010 и 2011, Роланд Гарос 2011, Матерсот во Париз 2018, финалето на Вимболдон 2014 и секако вчерашното финале, како што спомнав погоре, можеби најдоброто на сите времиња. За првпат тие двајца се сретнаа во првото коло на Мастерс турнирот во Монте Карло во 2006 година, мечот заврши со тешка победа на Федерер од 2:1 во сетови и навести уште едно големо ривалство во новата ера. Првото Гренд Слам финале го одиграа на УСА Опен во 2007 година, одново тешка победа на Федерер во 3 сета, воедно и единствена победа на Роџер. Сите финалиња потоа, вклучувајќи го штотуку одиграното припаднаа на Новак.

И се наговестуваше дека ќе бидеме сведоци на уште еден епски меч, времето повторно запре, почна битката на Титаните. Моментот кога на неколку часа нашите проблеми ги снема, дали се финансиски, дали се здравствени, дали се домашни, дали се работни, љубовни, никој не мисли на своите проблеми, ова е состојба на медитација на умот, Федерер и Ѓоковиќ играаат финале. Среќа немаме светска војна моментално, зашто и да имаше, ќе се склучеше привремено примирје. За време на Првата Светска Војна, во 1915, некаде пред Божиќ на западниот фронт, Англичаните и Германците склучиле привремено примирје за да одиграат фудбалски меч (велат завршил 3:2 за Германците), овие мечеви се налик на тоа, овие мечеви ја имаат таа моќ, да ја запрат војната, да го запрат за момент светот.

Бевме сведоци на историски меч, за првпат на Вимболдон е воведено правилото да во петтиот последен сет тајбрејк има само доколку биде 12:12 во гемови, и така и бидна. Во последниот сет видовме два брејка и два рибрејка, видовме две спасени меч топки, и на крај, после неполни 5 часа игра, победи според мене посреќниот. Федерер имаше повеќе освоени поени, повеќе освоени гемови, повеќе асови и винери, но сепак Новак беше поконцентриран кога најмногу требаше. Новак ги освои сите три тајбрејка, спаси две меч топки кога сите веќе го видоа трофејот во рацете на Роџер и на крајот заслужено победи. Уште еднаш ја видовме менталната сила на Новак, човекот кој само пред година дена се „врати од мртвите“, само уште посилен. Се врати, и на жалост на сите љубители на овој спорт, најверојатно го прати големиот Федерер во заслужена „пензија“. Мислам дека Роџер емотивно е толку истрошен по мечот, што нема веќе сили за големи мечеви, на моја и на жалост на милијардите фанови насекаде низ светот.

Со сета почит кон неговите претходници, Пит Сампрас, Џон Мекинро, Бјорн Борг, Андре Агаси, Борис Бекер, Иван Лендл, Анри Леконд, Џими Конорс, Јаник Ноа, Мац Виландер, Штефан Едберг, па се до Рој Емерсон и Род Левер да не ги набројувам сите, и со уште поголема почит кон сегашните негови ривали, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, едноставно никој никогаш нема да биде како него. Рафаел Надал е „крал на земјата“, најдобар во историјата на оваа подлога, подобар од Роџер во меѓусебните дуели. Новак Ѓоковиќ, како што спомнав погоре е исто така подобар во меѓусебните дуели, исто така Ноле е единствениот тенисер во историјата што има освоено „Златен Мастерс“ (сите мастерс турнири), на Федерер му фалат две (Монте Карло и Рим), на Надал три (Мајами, Шангај и Париз), веројатно никој нема да го повтори тој успех. Сепак, повторно ќе кажам со сета почит кон момците и нивните верни навивачи, можеби, ќе го престигнат Роџер и во Гренд Слем титули, помлади се и се надевам ќе играат уште долго за доброто на тенисот, но без разлика, никогаш нема да станат поголеми од него, од мастерот, од ГРАНДЕ ФЕДЕРЕР. Затоа што поголеми од тенисот не може да станете, а ФЕДЕРЕР Е ТЕНИСОТ И ТЕНИСОТ Е ФЕДЕРЕР, тие се едно. Скоро 20 години го гледам неговиот танц низ терените во светот и уште не ми е доста, затоа ти благодарам голем човеку.

Што носи иднината за овој спорт без Федерер, не знам, а не ме ни интересира. „Иднината без Федерер не е и некоја иднина“.

DANKE ROGER!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот