Дамева: Се нафатив на оваа работам, знам да се носам со навредите, заканите и сѐ друго

Весна Дамева
Весна Дамева, претседателка на Судски совет/Фото: МИА

Собранието денеска ја продолжи 71. седница со дебата за Извештајот за работата на Судскиот совет за 2021 година, на која присуствуваше и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

Таа не одговори на прашањето на опозициските пратеници дали ќе поднесе оставка од морални причини, по одлуката на Уставниот суд и нејзините врски со власта, ниту пак дали се истражени наводите на претходната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, која тогаш изјави дека „идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско-бизнис елита“.

– Беа истакнати сериозни навреди кон мојата личност и интегритет. Сметам дека денеска на разгледување е годишниот Извештај, но како и да е јас штом сум се нафатила на оваа функција пред се и над се знам да се носам и со заканите и со навредите и со се друго што следува, рече Дамева.

Во врска со изјавата на нејзината претходничка, посочени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, таа кажа дека наводите се „паушални и непоткрепени со докази и не може во овој момент да се верификува нивната основаност и вистина“.

– Јавно ја прашав на првата седница по мојот избор да се произнесе во смисла Судскиот совет да застане на столбот заштитник на самостојноста и независноста на судството, меѓу кои и на членовите на Судскиот совет, меѓутоа истата не се произнесе. Верувам надлежните институции до крај ќе го испитаат овој случај, за да не остане каков било сомнеж или дамка по однос на таквите паушални наводи, кои до денес барем мене не ми е познато дека се поткрепени со докази, рече Дамева.

За изборот на претседател на Судскиот совет, Дамева рече дека е изненадена зошто нејзе и се поставува тоа прашање, бидејќи треба да се постави тука во Парламентот како законодавен дом.

– Доколку во тој момент во 2019 година, кога е изготвен новиот Закон за судски совет не било прифатливо за пратениците, воопшто не требало да се донесе тој закон. Јас од почетокот, уште кога тој закон се донесе не бев ни член, коментирав дека поради еднаквост мора да бидат опфатени сите членови и секој со својот интегритет, па самите 13 членови меѓу себе да одлучуваат дали за претседател ќе изберат судија или може довербата ќе му ја поклонат на некој што е избран од Собранието, рече Дамева.

Таа додаде дека тоа е во однос на еднаквоста, а не по начинот на избор „како што некој милува да каже од редот на политиката“. – Тоа не се согласувам. Начинот на избор е еден, однесувањето и постапувањето на секој од нас е нешто друго, рече Дамева.

За реакцијата на Уставниот суд, рече дека тој не реагирал веднаш и оти таа иницијатива е поднесена пред скоро година и пол-две.

– Можеби се поклопило времето на преотворање или кончено одлучување, меѓутоа воопшто не е нова и не е иницијатор нечија изјава за донесување на одлука на Уставен суд, рече претседателката на Судскиот совет.

Дамева истакна дека во однос на непропорционалноста на распределување на предметите, веќе е донесена Методологија за сложеност на предметите која ќе се имплементира и врз основа на таа ќе биде реална и нормата и распределбата и констатацијата. За ажурноста рече дека се виновни сите – и Судскиот совет, и обвинителството и вештаците, па и странките и адвокатите и целокупната јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот