Даме Димитровски, претседетел на Советот на Град Скопје/ Фото-Слободен печат/ Драган Митрески

Даме Димитровски ќе раководи со скопскиот градски Совет: Ќе бидам претседател на дијалог, не на поделби

Новиот состав на Советот на конститутивна седница денеска избра претседетел и беа потврдени мандатите на избраните 44 советници.

На денешната конститутивна седница на Советот на  Град Скопје беа потврдени мандатите на 44 избрани советници, кои во наредните четири години ќе ги носат сите одлуки важни за град Скопје. За претседетел на Советот, на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ е избран Даме Димитровски, кој беше носител на нивната листа на изборите, а во претходните четири години беше претседател на Управниот одбор на ЈП „Дрисла“.

 Денес стојам со цврста одлука да бидам претседател на сите советници без разлика на нивната политичка припадност, да бидам и глас на разумот и посредник во дијалогот кога тоа ќе биде потребно и да бидам гаранција дека градското собрание ќе ја врати повторно довербата на граѓаните – рече претседателот на Советот по изборот, нагласувајжи меѓу другото, дека ќе биде претседател на дијалогот, не на поделбите.

Конститутивна седница на Советот на Град Скопје/Фото-Слободен печат/Драган Митрески

Предлогот тој да биде избран на оваа функција беше поддржан од советничката група на СДСМ, во чие име говореше Катерина Цаневска Арсовска, која истакна дека даваат поддршка, но сепак ќе гласаат воздржано и како што рече,  очекуваат конструктивна соработка со сите советнички групи.

Од ваквиот став се иззема советникот Горан Симоновски од СДСМ, кој од говорницата рече дека од ВМРО-ДПМНЕ добиле предлог на човек што раководеше со „Дрисла“, претпријатие кое во изминатиот период беше еден од најголемите загадувачи на Скопје,  и иако таму не се покажал,  сега ВМРО -ДПМНЕ ќе го награди со функција.

Гласањето за овој предлог ќе биде потсмев за сите што имаат здравствени проблеми, за сите родители што ги носеа децата по болници и затоа јас ќе гласам против – рече Симоновски.

 

Ристо Пенов/Фото-Слободен печат/Драган Митрески

Инаку, денешната конститутивна седница ја отвори Ристо Пенов, како највозрасен член на новиот Совет, а од говорницата на советниците им се обрати и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Овој Совет избран со доверба од граѓаните има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој, да покажеме дека кога политиката пред се ќе ги стави интересите на граѓаните, резултатите се видливи, конкретни и трајни. Немаме време за експерименти туку мораме сите заеднички да се зафатиме за работа и тоа веднаш. Како градоначалник мојата цел е да создадеме град кој ќе биде пример за ред, чистота, транспарентност и современ урбан развој- рече Ѓорѓиевски.

Совет на Град Скопје/ Фото-Слободен печат/Драган Митрески

Говорејќи за клучните работи на кои ќе се фокусираат во наредниот период, градоначалникот им порача на советниците дека заедно со него имаат клучна улога – без оглед на политичката припадност  да го направат Скопје подобро место за живеење.

Очекувам овој Совет да биде извор на идеи и решенија, а не на поделби. Да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на нашиот народ, нагласи градоначалникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот