Дали падот на Југославија ја отепа (општата) култура?
„Квискотека“ беше општојугословенски просветителски курс. Честопати покренуваше прашања од српскиот еп, црпеше поезија од словенечката и македонската култура, а мистериозни личности доаѓаа од целата тогашна земја. И самиот Лазо Голужа, нејзиниот творец, беше добар пример за успешната приказна на Југославија
Неколку настани се случија кон крајот на ноември и почетокот на декември. Едниот настан е локален, а веќе стана традиција во деновите од 29 ноември до 1 декември, а тоа е општото преиспитување на Југославија.
Препорачано
Така се случи годинава во тие денови да почине еден светски симбол на квизовите, Алекс Требек, и еден регионален, Лазо Голужа. Во период од 37 години, Требек го водеше најпопуларниот квиз во САД, „Џеопарди“. Тоа е квиз со скромен дизајн и награди, слично на „Сложувалка“ (срп. „Слагалица“). Лазо Голужа не треба да биде посебно претставен јужно од Алпите, западно од Тимок. Овие симболи на општата култура, и во локалниот контекст на Југославија, заминаа во вечноста (или, можеби, во заборавот?).
Смртта на Требек го натера Луис Менандо, професор на Харвард, да се запраша во „Њујоркер“: Каква е природата на општото знаење во светот според Википедија? Ние постарите се сеќаваме на дебатата за тоа која земја е поголема, што се случи во која година итн. Игравме „интересна географија“. Тоа е игра каде требаше да извлечете многу земјописни поими од вашата глава.
Во нашата кафеанска усна култура, тие дискусии и игри обично се одвиваа без прибегнување кон цитати од обемните енциклопедии. Сите имавме по некој чудак во окружувањето, кој ги знаеше сите престолнини или составот на сите репрезентации во светот. Учесниците на квизот беа регрутирани од редовите на таквите луѓе. Честопати тие складираа сосема непотребни податоци во главата. Не е ни чудо што добар дел од прашањата во кафе-квизовите припаѓаа во категоријата „тривијалности“, една збирка на бизарни куриозитети.
Еден кубик енциклопедии
Јас 25 години правев квизови опкружен со еден кубик речници, енциклопедии и лексикони. Беше физички подвиг да му се докаже на незадоволниот натпреварувач дека не е во право. Или да се провери дали авторот на прашањето греши. Википедија создаде магична порта кон сеопштата сезнајност. Има многу сомнежи во нејзината точност, бидејќи, на прв поглед, секој може да ги напише и провери статиите на Википедија. Авторите на одредниците не се со академска големина, туку претежно помлади мажи, ентузијасти кои никој не ги плаќа. Едно од најпрестижните научни списанија во светот, „Нејчр“, покажа дека просечната статија на Википедија има четири грешки, а во најпочитуваната енциклопедија во светот, Британика, има три, само една помалку.
Дали тоа значи дека општата култура процвета? За жал, „во криво сте“, како што би рекол познатиот Оливер Млакар. Видовме примери за опаѓање на општата култура при известувањето за погребот на патријархот Иринеј. Уште подобар индикатор се имињата на групите и текстовите на поп-песните. Една голема рок-група, „Јураја Хип“, го зеде своето име од негативецот од романот на Чарлс Дикенс. Џим Морисон, во име на својот бенд, се осврна на делата на Олдус Хаксли и Вилијам Блејк. На дваесет години старост, Бајага ги споменуваше Кастанеда, Маркез, Ремарк. Бреговиќ го парафразира Умберто Еко и го цитира Бранко Миљковиќ, Балашевиќ го цитира Кундера, „Кербер“ Перо Зубац, а да не го спомнувам Штулиќ.
Дури и класичните фолкери користат текстови од високата култура. Не станува збор само за Хајнрих Хајне, чиј текст е преведен како „Крај убавиот шадрван“. И Драгиша Недовиќ навести дека го прочитал Андриќ во текстот за градот Вишеград. Можеме ли да замислиме да ги цитираме таквите писатели денес во поп-песните или на блоговите на социјалните инфлуенсери?
Квизот како симбол на Југославија
Каква врска има тоа со Лазо Голужа и Југославија?

Мухарем Баздуљ и Марко Прелевиќ веќе објавија текстови за „Квискотека“ како еден од симболите на Југославија. Роберт Паулетиќ претходно напиша дека Голужа направил повеќе за хрватската општа култура, отколку Крлежа со неговиот Лексикографски институт.
Паулетиќ веќе е алергичен на „Ј“ од Југославија, но мора да се каже дека „Квискотека“ беше општ курс за просветителство во Југославија. Честопати покренуваше прашања од српската епска поезија, словенечката и македонската култура, а мистериозни личности доаѓаа од целата тогашна земја.
Самиот Голужа беше добар пример за „успешна приказна“ во Југославија. Потекнува од каменот на западна Херцеговина. Прво сакаше да биде учител, како и многу амбициозни луѓе од селата во тоа време. Ги заврши тогашните елитни студии по компаративна литература и италијански јазик, кога Данило Киш, во тоа време, студирал светска литература во Белград. Доби престижна работа на телевизијата и се усовршуваше во Би-Би-Си, кога дојде на идеја да се занимава со квизови. Клучните зборови за успехот на „Квискотека“, а и на југословенската култура, беа „можност за избор“.
Секое реномирано жири, секоја докторска комисија во тогашната држава можеше да избере членови од една голема сејугословенска база. Така, авторите на прашањата за „Квискотека“ и членовите на жирито беа водечки хрватски академици и лексикографи, како Дарко Новаковиќ, Борис Сенкер, Жарко Домљан. Најинтересен од нив беше Павао Павличиќ, добитникот на НИН-овата награда и еден од основачите на жанрот трилер во литературата и кинематографијата на Југославија. Оттаму доаѓаа необичните заплети во прашањата за „Квискотека“, кои се паметат и денес.
Оливер Млакар и Иван Хетрих
Од времињата на „Квискотека“, како нејзин водител, денес сите повеќе го паметат Оливер Млакар, а помалку Иван Хетрих. Хетрих не само што беше водител, туку и еден од најдобрите телевизиски режисери во Југославија. Неговите серии „Каде одат дивите свињи“ и „Капелски Кресови“ спаѓаат во самиот врв на југословенската телевизиска продукција. Во денешните квизови, ќе се појави по некој интелектуалец, но нема ТВ-водител од интелектуалниот формат на Хетрих.
Добар дел од квизовите се со преплатени странски лиценци („Ја сакам Србија“, „Потера“, „Милионер“). „Загатка“, пак, наследува скоро половина од игрите од старите квизови во Загреб („Броеви и букви“ и „Квискотека“).
Можноста за избор се однесуваше и на конкурентите. За секое од 64 места во годишниот циклус на квизот, се пријавуваа по 50-100 кандидати. Денес, главниот проблем на квизовите е да изберат доволен број добри кандидати. Затоа се појавија група „зависници“ од појавувања во некој квиз, кои одат од квиз на квиз, бидејќи лесно го минуваат изборот.
Светската култура во мало
Истото важи и за сите други натпревари во културата и науката. Иако се создаваат повеќе романи, стихозбирки, филмови и серии од кога и да било порано, нивниот дострел е поскромен. Во тоа време, дејството на некој роман можеше да се случува само во Белград, сите актери во филмот можеа да бидат Срби, но самото навестување дека има поширока публика им даваше на уметничките дела дополнителна димензија.
Ако денес постои регионален пазар во културата, тој е ограничен на поп и фолк музичари. Само неколку писатели ги преминуваат границите на новите држави (Баздуљ, Томиќ, Сејрановиќ). Бројни ТВ-серии се пласираат подобро од литературата.
Можеби клучот е што Југославија, веќе во својата комплексна мултинационална и мултикултурна структура, беше еден вид глобално окружување. Секоја работа што би се пробила на општиот југословенски пазар, веќе ја имаше надминато тесната национална рамка. Така, југословенската култура беше светска култура во мало. Оттаму доаѓа, на пример, доброто познавање на географијата кај денешните постари некогашни Југословени. И тоа, знаеме, е дел од општата култура.


