Фото: Nymphuss / Google Maps
Фото: Nymphuss / Google Maps

Дали и други ученички во средното уметничко го пријавиле академскиот вајар за сексуално вознемирување?

Просветните инспектори уште вршат надзор во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ и во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Причината се два посебни настани што ја вознемирија јавноста. Во ОУ „Песталоци“ трае надзорот за тоа како постапувало училиштето за тоа што го преживеа шестгодишната Катја, чиј живот заврши со пад од зграда во Тафталиџе заедно со нејзината мајка Ивана Јовановски после долгогодишно трпење на семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски.

Согласно нашите законски надлежности, од страна на Државниот просветен инспекторат во тек е вонреден инспекциски надзор во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Центар, со цел утврдување на фактичката состојба, односно дали училиштето и стручната служба соодветно постапувале во врска со случајот со девојчето кое трагично го загуби животот. По завршувањето на инспекцискиот надзор согласно утврдената фактичка состојба со записник, Државниот просветен инспекторат навремено ќе ја информира јавноста за констатираната состојба и евентуално преземените мерки, велат оттаму.

Просветните инспектори влегоа во надзор на училиштето поради обврската на образовните институции да пријавуваат евентуални сознанија за семејно насилство и за да се види дали во училиштето стручните служби воделе евентуални постапки за состојбата на Катја.

Вториот надзор, во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје е поради тоа што професор беше пријавен дека сексуално вознемирувал 18-годишна ученичка во училиштето. Професорот е академски вајар, автор на дел од спомениците од „Скопје 2014“ и работи во училиштето подолго време.

Надзорот на просветниот инспекторат е поради тоа што треба да се утврди дали училиштето постапувало правилно и навремено. Директорот Димитар Филиповски веднаш по поплаките што ги примил во својот кабинет викнал полиција и го суспендирал 52-годишниот професор на 3 месеци.

Од страна на Државниот просветен инспекторат започнат е вонреден инспекциски надзор во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, со цел утврдување на фактичката состојба. Во тек е комплетирање на целокупната документација, по што ќе биде изготвен записник од извршениот надзор. Според досегашните сознанија, директорот на училиштето, по поднесена пријава од родител, го пријавил случајот во полиција. По завршување на надзорот и целосно утврдување на фактичката состојба, јавноста ќе биде дополнително информирана, велат за „Слободен печат“ од Просветниот инспекторат.

Во Министерството за внатрешни работи прашавме дали освен конкретната ученичка која го пријавила професорот за несоодветно однесување, има и пријави од други ученички со слична или иста содржина. Ова прашање го поставивме поради дојави дека повеќе девојчиња од училиштето, наводно заминале во полициска станица – но дали за пријава или за да бидат сведоци, не дознавме. 

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека со оглед на тоа што случајот со професорот е во предистражна постапка, во моментот не се во можност да споделуваат дополнителни информации.

-По целосно завршување на постапката, ќе бидете соодветно информирани, велат оттаму.

За професорот Кривичниот суд одреди мерки на претпазливост – одземена му е патната исправа, не смее да ѝ се доближува на ученичката и има забрана за определени работни активности поврзани со кривично дело. Кривичната пријава на МВР против академскиот вајар е за „сексуално вознемирување“. Според пријавата 52-годишниот професор во периодот меѓу 25 февруари и 2 март сексуално ја вознемирувал ученичката и барал да има сексуални односи со неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот