Дали францускиот предлог за кревање на ветото од утре ќе стане и чешки?

Макрон и Петков/ Фото ERIC LALMAND / AFP / Profimedia

Уште само неколку часа остануваат до крајниот рок, кој истекува денеска на полноќ, за претседателствувањето на Франција со ЕУ. Кормилото со Унијата веќе од утре го превзема Чешка, земја која негува добри релации со Македонија, но во исто време во нејзините приоритети за шест месечното претседавање во агендата го нема проширувањето на Унијата.

Сепак, домашните и странските дипломати кои ги консултираше „Слободен печат“ во врска со тоа кои ќе бидат очекувањата за земјава од новиот претседавач со ЕУ Чешка се со поделени размислувања. Дел од нив велат дека е можно да се очекува францускиот предлог за тргање на бугарското вето за Македонија да стане и чешки но, други пак се убедени дека државниот врв во последен момент може да исползува компромис за францускиот предлог и отпочнување на преговарачкиот процес за пристап кон Унијата.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели дека треба да бидеме храби и да го прифатиме предлогот кој ни се пласира иако реакциите во јавноста се оправдани и полни со емоции. Според него се додека идентитетските работи и јазикот изостануват во преговарачката рамка како сега, Македонија треба да ја се согласи.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО / Утрински брифинг

– Иако календарски утре завршува претседателството со Франција, сепак постои можност и после неколку дена доколу се прифати предлогот од нас и Бугарија во овие неколку дена да биде прифатено кревањето на ветото, независно што палката ја превзема Чешка која не е многу заинтересирана за Западен Балкан. Тоа е можност која постои и е реална. Од друга страна ние како држава сме во специфична ситуација, расте притисокот од јавното мислење за проблемот со Бугарија и тоа ги кочи нашите европски амбиции. Нема да не изненади ЕУ уште утре да се изјасни што е постигнато – вели Ружин.

Според него доколку Брисел не се изјасни, тогаш навистина не е добро да бидеме држава што одбива она што Европјаните се убедени дека може да ни донесе извесна полза.

Експертот за анализа на политики со фокус на Западниот Балкан, универзитетскиот професор Михаил Вит од Чешка коментирајќи го предстојното чешко претседавање со ЕУ за „Слободен печат“ вели дека неговата земја со ЕУ сепак може да донесе нови позитивни вибрации во процесот на проширување.

Проф. Михаил Вит

– Она што можам со сигурност да го истакнам е тоа дека чешкото претседателство ќе демонстрира поголемо разбирање на процесот за проширување кој во моментов се случува на Западен Балкан. Од тука властите во Прага кои неутрално секогаш ги гледаат состојбите ќе се обидат да ги поедностават и направат се за регионот да го забрза евроинтегративниот процес, покрај фокусот со случувањата во Украина. Во исто време сакам да дополнам дека чешкото претседателство ќе овозможи да се спроведе нов пристап со т.н. метода на „низок профил“ со кој се надева дека во земјата ќе се избегнат бранувањата на оваа тема по секоја цена кои деновиве се актуелни околу бугарското вето – вели тој.

Од друга страна поранешниот амбасадор Ристо Никовски тврди дека францускиот предлог каков што е сега е далеку од правото, принципите и меѓународноправните стандарди и правдата.

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

– Факт е дека Чешка воопшто не го спомна проширувањето во своите планови ама треба да потсетиме дека тоа го немаше ни во француското претседавање. Тоа само потврдува дека во Унијата постои цврста определба дека нови членки уште долго време да не се примаат. Нема сомневање дека и Чесите ќе се занимаваат со ова прашање бидејќи жешкиот костен им е префрлен и во нивниот двор. Меѓутоа, не треба да имаме никакви надежи дека од сето тоа нешто ќе призлезе. Напротв, и понатака ќе се вртиме во еден маѓепсан круг. И, што најстрашното тоа ќе трае со декади а не со години. Кога е веќе така тоа значи дека Македонја мора да превземе радикални чекори и да излезе од тој магепсан круг, бидејќи изгледаме смешни во нашите опсесии да добиеме датум. Тоа значи дека под итно треба да се откаже договор со Бугарија бидејќи тоа е и ќе остане нашата голгота – резимира Никовски.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов слично како и Никовски не е убеден дека чешкото претседателство може радикално да ја промени актуелната политика на Брисел за Западен Балкан.

 

– Нов предлог од Франција не треба да се очекува бидејќи ќе нема таков и врз таа основа Чешка ќе се занимава со овој проблем. Меѓутоа не сум оптимист дека нешто радикално може да се смени во полза на Македонија. Со целата методологија што се водеа преговорите за симнување на бугарското вето, Македонија се заплетка во сопствената пајкаова мреажа. Со други зборови и даде на Бугарија сила да си ги оствари сите своите цели и приориети што ги сака од Македонија. Како и да е и да добиеме зелено светло за преговори, тие по овој предлог никогаш нема да завршат бидејќи Бугарија ги исполни сите свои барања а ние не – вели Јањатов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот