Дали е погоден за борба? Маринци тестирале оклоп стар 3.500 години

Микенска ѕидна фреска на поворка мажи кои носат шлемови / Фото: funkyfood London - Paul Williams / Alamy / Alamy / Profimedia

Познатиот микенски оклоп од Дендра не бил само церемонијален, туку и погоден за долготрајна борба. Ова го покажа студија објавена во списанието „Плос уан“.

Испитувањето на оклопот стар 3.5000 години откриен во селото Дендра во Грција, на неколку километри од античка Микена, го направил Андреас Флурис од Универзитетот во Солун со колеги и 13 маринци, пренесува „Фис.орг“.

Овој оклоп бил откриен во 1960 година и на многу луѓе не им било јасно дали е само церемонијален оклоп или се користел за борба. Прашањето беше од големо значење за разбирањето на војувањето во Европа од доцното бронзено време, но ниту еден историски извор не ја опишува употребата на овој тип на оклоп. Затоа, истражувачите користеле експериментални докази за да ја испитаат борбената соодветност на таканаречениот оклоп од Дендра.

Научниците регрутирале 13 доброволци, инаку маринци на вооружените сили на Грција, и ги опремиле со оклопи од Дендра и со оружје од бронзеното време, а потоа 11 часа го симулирале борбениот протокол од бронзеното време. Битката се развила во согласност со описите од Хомеровата Илијада со типичната активност, исхрана и маневри на микенската војска.

„Уште кога беше откриен, се поставува прашањето дали овој оклоп бил само церемонијален или можел да се користи во битка. Ова е еден од најстарите целосно сочувани оклопи во Европа, изјавил Флурис.

Маринците имале дуели, престрелки пеш и во коли, престрелки од далечина… Откриено е дека оклопот не ограничува ничие движење или способност за борба, ниту пак предизвикува проблеми.

„Јасно е дека овој тип на оклоп бил погоден за борба. Ефикасноста и варијациите на микенските мечеви и копја се веќе познати, а овој тежок оклоп би им дал голема предност на елитните микенски воини во однос на оние кои имале само штит или лесен оклоп користен во тоа време на Блискиот Исток“, рекол Флурис.

Покрај правењето копии на оклоп, доброволците биле хранети на сличен начин како микенските борци пред битката. Ова вклучувало леб, говедско месо, козјо сирење, маслинки, кромид и црвено вино.

„Интересно е што нашите резултати од следењето на шеќерот во крвта покажаа дека оваа диета дава доволно сила за борба која трае 11 часа“, додал Флурис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот