Разговор со стрип-авторката Гаја Смилевска: Стрипот ми дава можност да раскажам приказна

Стрипот на Гаја Смилевска беше презентиран на фестивалот „Стрип трип“ / Фотографија: Сашо Димоски

На второто издание на фестивалот „Стрип трип“, што минатиот викенд се одржа во МКЦ, се сретнавме со младата стрип-авторка Гаја Смилевска, која го претстави својот стрип „Скрши што судбината гради“, а ја раскажа и приказната за неговото создавање.

Стрип-авторката Гаја Смилевска е родена во Скопје во 2001 година. Во моментов е студент по психологија, а во своето слободно време работи како илустратор и стрип-уметник. Уметноста отсекогаш била дел од нејзиниот живот, но пред околу девет години започна посериозно да се занимава и оспособува со цртање и пишување кратки стрипови.

Нејзините дела најчесто се фокусираат на взаемните дејства помеѓу луѓето и импактот кој го имаме еден на друг, а во таа линија се одвива и приказната во стрипот „Скрши што судбината гради“. Мотивите за приказната во стрипот се од времето на Византиската империја, а преку ликовите авторката ја тематизира релацијата на младите луѓе со домот, градејќи возбудлива имагинарна авантура во осмислување на драмското дејство, што на делото му дава посебност својствена за историската метафикција која го соединува веродостојното со веројатното.

На „Стрип трип“ во Скопје беше претставен твојот стрип „Скрши што судбината гради“, а претходно беше одржана и промоција во организација на издавачот „Флипбук букс“. Во кој период беше создаван стрипот?

– Идејата за стрипот почнав да ја обмислувам во 2022 година, меѓутоа првично беше само идеја која не мислев дека воопшто ќе можам да ја изведам, така што прилично долго останав на тоа. При крај на летото од истата година го завршив првиот дел, и иако мислев дека визуелно изгледа во ред и имав желба да ја раскажам целата приказна, немав намери да го објавувам никаде освен онлајн.

Подоцна во годината ме контактираа од „Флипбук букс“ и предложија да направиме физичко издание од стрипот, и оттогаш се ставив во работа малку посериозно. За некоја година и пол беше завршен стрипот, и следеше оптимизација за печат, некои технички работи, така што сѐ на сѐ беше завршен за година и пол.

Насловна илустрација на стрипот „Скрши што судбината гради“

Што беше твојата наративна инспирација за стрипот?

– Многу различни, неповрзани работи. Во периодот кога го пишував стрипот гледав многу историски серии и филмови, па мислам дека од сѐ по малку има траги во стрипот. Можам да издвојам еден филм „Мин Бала“ на Акан Сатаев и една серија „My Country: The New Age“, кои имаа најголем импакт врз мене, а и верувам дека на било кој што би му се допаднал стрипот би му се допаднале и овие дела.

Од локалната култура можам да го истакнам Силјан Штркот, приказна која сите ја знаеме и чии мотиви постојано ми се вртеа во глава додека го цртав и пишував стрипот. Верувам дека речиси сите како деца ја имаме читано приказната, но топло препорачувам едно препрочитување на истата во позрели години.

Какви истражувања направи на темата, имајќи предвид дека твојата приказна се случува во 13-иот век?

– Доста многу, а во исто време недоволно. Истражував по интернет – најмногу за визуелниот аспект, како изгледале носии, градови, пагански обреди и слично. Иако е малку тешко поради фактот што има толку многу надворешни влијанија врз тоа како си ја перципираме својата историја ден-денес. Исто така, преку разговори со баба ми и дедо ми – иако приказната се одвива во далечното минато, во тринаесеттиот век не постоела Македонија како што ние денес ја познаваме. Византија била огромна сила која доминирала територии и култури, но сепак сакав да создадам свет кој е до некаде препознатлив за сите нас.

Поголемиот дел од стрипот има мек контраст каде што доминираат сивите бои

Врз основа на кои инспирации го направи визуелното обликување на стрипот?

– Иако сакав целото дело да е во боја, брзо ми стана јасно дека тоа не е изводливо, барем не за сега. Во било кој стрип што го правам во прв план ми се ликовите, така што најмногу внимание имам посветено на нив, внимавав сите да се впечатливи и уникатни, да може било кој да се пронајде во некого.

Поголемиот дел од стрипот има мек контраст каде што доминираат сивите бои, сакав да задржам малку сонлив и нереален тон во илустрациите. Филмовите кои ги наведов погоре нудеа голема визуелна инспирација, но исто така ќе ја спомнам концепт-уметноста на студиото за анимација „Дримворкс“, специфично делата од 2005 до 2007 година. Мислам дека до ден-денес нема нешто што повеќе ме тера да се подобрам во уметноста отколку нивното творештво.

Какви се понатамошните планови поврзани со овој стрип?

– Втор и последен дел. Не знам точно кога ќе биде завршен, сѐ уште некако се навикнувам на фактот што навистина е завршен и објавен првиот дел, но сакам да ја заокружам приказната и да видам што ќе следи по завршувањето на истата. Знам каде движи приказната и имам напишано клучни сцени, само треба да седнам и да го склопам напишаното со визуелниот аспект.

Ликовите, секако, ќе ми останат драги дури и по крајот на стрипот, исто како бројни други кои се од претходни дела што до ден-денес ми се на ум, така што од тој аспект и овие ликови ќе си постојат во идни илустрации, кратки стрипови, итн, без разлика како ќе заврши самата приказна.

Стрипот како уметност вклучува и визуелен аспект кој го прикрива авторот и нуди побогато искуство за една приказна / Фотографија: Сашо Димоски

Како се случи да се занимаваш со цртање стрипови, воопшто, и што Деветтата уметност значи за тебе?

– Уште од мали нозе имав голема желба да сум аниматор, на рака можам да набројам неколку филмови чијшто дијалог можам на памет да го рецитирам. За жал, сѐ што правам практикувам да го правам сама, а анимацијата е огромна задача која повикува на работа многу различни вештини и многу, многу време. Најважно ми е да раскажам приказна, и стрипот ми ја нуди таа можност.

Во напишано дело, како роман или краток расказ, сметам дека авторот некако е принуден повеќе од себе да остави во делото, повидлив е. Стрипот вклучува и визуелен аспект кој го прикрива авторот и нуди побогато искуство за една приказна. Сметам дека е одличен формат за искажување и комуницирање на било каква мисла.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот