Фатон Сељами / Народен правобранител / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Да се следат семејствата во кои има ризик од насилство, а полицијата да го спречува, побара народниот правобранител

„Семејното и родово-базираното насилство беше во фокусот на Омбудсманот во 2025 година, а, за жал, актуелна тема е и оваа година. Фемицидот како најтешка последица на семејното насилство беше причина за смрт на неколку жени во изминатата година“, изјави денеска новиот народен правобранител, Фатон Сељами, кој ги повика институциите да вложат повеќе труд, ресурси и знаење за да се спречат немили случаи какви што ја потресоа македонската јавност.

Сељами на функцијата стапи во јануари, откако лани во јули му истече мандатот на претходниот народен правобранител, Насер Зибери.

Сељами даваше извештај за сработеното во минатата година и рече дека Народниот правобранител, постапувајќи по случаите на фемицид, констатирал пропусти во реакцијата на надлежните институции, која според него, најчесто не била навремена.

„Заради тоа е потребно да се обезбеди превенција и координирано системско следење на семејства со ризично однесување, како и воспоставување механизми кои овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава“, нагласи тој.

Омбудсманот рече дека треба да се обучат и кадрите кои работат на оваа проблематика, како во МВР, така и во центрите за социјална работа. Според Сељами, целта е навремено да се препознаат и да се постапи по пријавите за семејно и родово-базирано насилство, за да се превенираат фемициди и да се заштити животот и сигурноста на граѓаните,

„Тоа е основна должност на надлежните институции“, забележа тој.

Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција

Го спомена и случајот со фемицидот на 30-годишната Рамајана Асан. Таа беше убиена на 3 мај 2025 г. од нејзиниот партнер во домот во Шуто Оризари, пред очите на едно од нивните две малолетни деца, и покрај тоа што неколку пати го пријавувала семејното насилство.

„Утврдивме дека Центарот за социјална работа немал сознанија за состојбата на ова семејството и не знаел за проблемите, додека Министерството за внатрешни работи излезе со објаснување дека жртвата не сакала кривична постапка, туку само предупредување на сторителот“, посочи омбудсманот.

Фатон Сељами – Народен правобранител / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Сепак, додаде тој, сведочењата од блиските роднини и пријатели биле во спротивна насока – дека претходно имало обиди за пријавување  на насилството, но им било побарано жртвата лично да поднесе формална пријава.

„Инаку за истиот случај, до Народниот правобранител е поднесена претставка од 24 здруженија и 63 активистки од Северна Македонија и други европски држави, во која и тие изразија сериозна загриженост поради ненавременото постапување на полицијата и непреземањето мерки за заштита на животот на жена, која трагично загина како последица на фемицид“, нагласи Сељами.

„Оттука Народниот правобранител констатира дека е потребна поажурна  и неодложна полициска интервенција за заштита на животот и безбедноста на жртвите на семејно насилство“, додаде тој.

Бројки што не смеат да се игнорираат – Македонија е трета во Европа по број на убиства на жени од нивните партнери

Инаку, според статистичките податоци за работата на институцијата, народниот правобранител во извештајната 2025 година разгледувал вкупно 2.921 претставка, од кои кај омбудсманот биле примени 2.400, а 521 предмети се пренесени од претходната година.

Трендот на поднесени претставки, поделени по четири области, е речиси идентичен како и минатите години.

„На прво место е правосудството со 307 претставки или 12,79 отсто, потоа следат претставките од потрошувачките права 264 или 11 проценти, од работните односи се 219 или 9,13 отсто, како и од областа на детските права – 198 или 8,25 проценти“, посочи Сељами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот