Д-р Станков: Ковид-19 кај заразени мажи знае да ги нападне тестисите и да доведе до стерилитет

Директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, д-р Александар Станков во вечерашното гостување на Канал 5 предупреди дека ковид-19 кај заразени мажи знае да ги нападне тестисите и да доведе до стерилитет.

„Голема лекција за сите нас е оваа пандемија. Направивме 25 обдукции, не престанавме со работиме и тоа се обдукции во кои треба да се испита незнаена или ненадејна смрт. Сме имале случаи каде имало негативен текст, а на микроскопската слика ни се покажуваат сомневања дека се работи за ковид-19. Има наоди каде срцето и белите дробови не се познаваат и бубрезите се избришани. Ковид-19 напаѓа многу системи, нема лек и не знаете кога ќе се влоши. Најдобро знаат оние кои директно таму се борат. Тоа е вирусна пневмонија, но ова не е само вирусна инфекција и тој зафаќа повеќе органски системи. Вирусот ги напаѓа тестисите и кај мажи можно е да предизвика стерилитет. Има наоди на воспалителни премени, но и на оштетување на тестисите“, вели д-р Станков.

Медицината, вели д-р Станков, почнува да се развива кога се дозволуваат обдукциите и тогаш медицината брзо напредува.

„Обдукцијата за жал кај нас се уште е нешто што се смета како нешто лошо и како да ние којзнае што му правиме на телото. Се надевам дека ќе почнеме да правиме и ние генетика на срцевите заболувања како во Грција. Знаете, има случаи каде ќе речат, ништо не му беше, ама си умре. Нема таков, секој умира со причина. Ќе работиме и на тоа да ги откриваме и тие причини за смрт со помош на генетиката. Никогаш не се сложувам дека случаите за лекарска грешка треба да одат преку медиумите. Не сум за тоа за да се прави притисок. Без обдукција нема причина за смрт, а без причина за смрт нема причинско последична врска меѓу лекарот и пациентот. Вината ја одредува судот, но сепак луѓето треба да се научат дека ние не сме месари, ниту касапи. Ние сме адвокати на починатите и зборуваме во нивно име”, додава д-р. Станков.

Тој вели дека единствен спас за ковид-19 се вакцините и апелира да се почитуваат мерките.

„Кревет ќе ставите и во ходник на Инфективна клиника, но треба да те прегледа некој. Никој не ги послуша лекарите кога ги молеа да внимаваат. Имаме болни, затоа што луѓето не внимаваат. Сите понудени вакцини даваат сериозен имунолошки одговор и ве заштитуваат од компликации, од сериозна болест. Притисокот кон болниците мора да се намали. Ние докторите сме криви бидејќи освен што треба да лекуваме, но и да едуцираме. Не треба затворање, но треба да не слушаат кога велиме дека мерките мора да се почитуваат”, вели д-р. Станков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот