Црна мрежа за вакцини на интернет: „Доставуваме и до Македонија, 500 долари е една“

„Доставуваме и до Македонија. Продаваме само пакети од 5 вакцини. Откако ќе ја направите уплатата, во биткоини, ќе ја испорачаме пратката со брза пошта и ќе имате бројче за следење на пратката. Една чини 500 долари!“.

Вака течеше комуникацијата со еден од продавачите кои на црните мрежи на Интернет се фали дека продава вакцини против ковид 19 од Модерна и од Фајзер. Имаше оставено телефонски број за контакт и нарачки и на Телеграм и на ВатсАп. За Фајзеровата вакцина ни рече дека не мора да одиме на лекар, туку дека може да си ја администрираме самите, оти доаѓала со игли. Ни испрати и фотографија од пакетчето, со број на група и датум на производство од 17 декември 2020 година. На кутијата пишува дека лажната вакцина е од 0,3 милилитри.

Продавачот ни рече дека е од Соединетите американски држави, а дестинацијата Македонија не му беше непозната. Напротив, не уверуваше дека пратката ќе ни биде доставена за само 3 дена.

Мрежата на лажни продавачи на вакцини за ковид-19, кои ги злоупотребуваат имињата на официјалните производители е во енормен раст. Европската канцеларија за борба против измами, ОЛАФ, ги предупредува владите да бидат крајно внимателни кога нарачуваат вакцини зашто во оптек се измамнички шеми. Во соопштението се посочува дека ОЛАФ веќе поседува извештаи за измамници кои се обидуваат да продадат вакцини во ЕУ. Целта на измамата е да се прелажат национланите власти во ЕУ кои се обидуваат да ја зајакнат програмата за вакцинација поради безбедноста на своите граѓани, се наведува во соопштението од оваа антикорупциска канцеларија на ЕУ. Во Канада здравствените власти и официјално ги предупредуваат граѓаните да не одат на интернет да купуваат вакцини, зашто ниту знаат што купуваат, ниту таквата квази вакцина ќе ги заштити од коронавирусот.

Кога се пребаруваат црните мрежи на интернет, како на пример Агарта, се појавуваат стотици резултати од понуди, за наводна вакцина против ковид-19. Се нудат и по 14 дози за еден човек, а плаќањето се врши во биткоини, електронска валута која тешко може да се следи во финансискиот систем. Некои измамници одат на големо, односно нудат само големи количества од 10 илјади дози кои ги нудат за неверојатни 30.000 долари. Целта на ваквиот ,,маркетинг трик” е да се таргетираат луѓе со поголема куповна моќ и да се извлече што поголема сума пари од очајните граѓани кои сакаат да си обезбедат место во групата вакцинирани.

И мрежата Телеграм е гнездо за рекламни понуди од непознато место, за наводни вакцини против ковид-19. Од Министерството за внатрешни работи ни рекоа дека досега не е регистрирана вакцина купена на интернет да ја поминала границата во пратка. Некои странски медиуми веќе пишуваат дека во обид за истражувачко новинарство, платиле дури и по 750 долари за доза, по што продавачот ги блокирал и никогаш не им ја доставил нарачаната пратка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот