Царовска: Покачувањето на пензиите во јануари 2020 година ќе изнесува 700 денари

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со пензионерите во Кичево со кои разговараше за претстојното зголемување на пензиите и за другите актуелни прашања. Министерката лично ги информираше пензионерите дека пензискиот систем е стабилен и дека пензиите растеа и ќе продолжат да растат.

Исто така, ги информираше за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година кое ќе изнесува 700 денари за сите пензионери, коешто со дополнителните усогласувања до крајот на годината ќе стигне од 860 до 900 денари.

-Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите. Во години на раст на минимална плата над 15%, и на раст на просечна плата за 5%, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5%“- рече Царовска.

Заменик директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Илија Ивановски, истакна дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици.

-Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10%. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата- рече Ивановски.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова истакна дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.

-Ако гледаме процентуално најголемо зголемување од 5.8% до 7.8% имаме кај најниските пензиите до 12.000 денари, а најмало 1.5% до 5.8% над 12.000 до највисоките пензии. Пензија до 12.000 денари во моментот во државава примаат 141.766 лица или 43.94% од вкупниот број на пензионери- рече Трајкова и потенцираше дека во моментот има 322.622 пенизонери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот