Црни предвидувања од СЗО: Бројот на жртви во Турција и Сирија може да биде осумпати поголем

Според последните податоци од турските и сириските власти, во разорните земјотреси кои ги погодија двете земји загинале над 3.600 луѓе. Илјадници луѓе се под рушевините, а спасувачите грозничаво се обидуваат да стигнат до преживеаните.
Но, висок претставник на Светската здравствена организација предупредува дека бројот на жртви може да биде осумпати поголем, јавува „Би-би-си“.
„Секогаш истото се случува кога станува збор за земјотреси. За жал, првичниот број на загинати или повредени значително ќе се зголеми во следните недели, изјави за АФП високиот претставник на СЗО за Европа, Кети Смолвуд.
Таа додаде дека многу луѓе ќе останат без кров над глава на студено и снежно време, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Досега најразорен земјотрес во Турција е оној во 1939 година, кога загинале 33.000 луѓе. Во потрес што го погоди Измит и околината во 1999 година, имаше над 17.000 жртви.