Чудесни жени: Надја Команечи, живот меѓу слава, насилства и анорексија

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Девојчињата сонуваа да бидат Надја, таа сонуваше да биде обична

Нејзиниот пат до славата бил мачен и суров, со строги диети и напорни тренинзи, и своевидна забрана да се порасне – рамен стомак, без колкови и гради, асексуалното тело на вечно девојче кое е принудено на секаков начин да не процвета, кое подоцна, во тинејџерските денови, нема да знае ни да се насмевне. Висока 150 см, тешка едвај 40 килограми.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Животната приказна на Надја Команечи, една од најголемите гимнастичарки на 20 век, е приказна за речиси божествено совршенство, за исклучителна издржливост и дух на пожртвуваност, за одлучност, но истовремено и за голема болка. Со гимнастика почнала да се занимава на 6 години. Беше првата гимнастичарка што ја освои „совршената 10-ка“ на Олимписките игри во Монтреал, 1976 г.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Нејзиниот перформанс беше необичен и возвишен, а компјутерите не беа ни програмирани да забележат таков резултат, зашто „10-ка“ беше невозможно да се постигне. Кога го воодушеви целиот свет, таа имаше само 14 години и беше „коска и кожа“. Но, што игра главна улога кај еден спортист во освојувањето на слава? Доследност? Сила? Или посветеност? Во случајот на Надја, тоа беше пред сè страдањето.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

– Бев сиромашно дете, ќерка на механичар и домаќинка. Никогаш не сум ги видела Олимписките игри дури ни на телевизија. Колку се изненадив кога во Олимпиското село сфатив дека сè е бесплатно! Дури и храната: пица, житарки, рикота, путер од кикирики… што никогаш претходно не сум видела. Лекарот од мојот тим постојано ме ставаше на диета. Дури и кога одев во тоалет, морав да ја оставам вратата отворена, за да не се напијам вода. Не бев свесна дека постои анорексија, јас тоа го нарекував глад – се сеќава Надја.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Откако стана славна во светот, таа стана национална хероина во својата родна земја, Романија. Но, дури ни ова не ѝ обезбеди нормален и мирен живот. Напротив, беше искористена до срж како пропагандна алатка на романскиот комунистички режим, потоа беше втурната во прегратките на Нику Чаушеску, третиот син на диктаторот Николае Чаушеску, кој го сметаа за наследник на неговиот татко.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Женкар, алкохоличар и коцкар, Нику бил исклучително моќен, опасен и бескрупулозен човек со кого ако се скараш, си ставаш крај на својата кариера, човек кому никој не смеел да му каже „не“. Дури и ако засакал мажена жена со деца, доколку таа го одбиела, во најмала рака би ја загубила работата, или нејзиниот сопруг би завршил во затвор. Да се биде со Нику значело да се има живот облеан со кавијар и скапи шампањи, додека народот умирал од глад.

Принудената врска на Самовилата од Карпатите, како што ја нарекувале Надја, и младиот Чаушеску (десет години постар од неа), се темелела на понижување и насилство – физичко и психолошко. Згора на тоа, таа морала и понатаму да собира златни медали, па станувала во 5.30 часот, тренирала од 6 до 8 часот, одела на училиште, ручала, одморала еден час, ги сработувала домашните обврски, тренирала повторно до вечерата и никогаш не излегувала надвор.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Јадела 100 грама месо за ручек и 50 грама за вечера, 200 грама зеленчук на оброк, 3 чашки јогурт и три овошки дневно. Роботскиот живот и малтретирањата од Нику ја однеле славната гимнастичарка во очај – пронашла утеха со алкохолот, се здебелила, и на крајот, следувал обидот за самоубиство извршен во самотија, во луксузната вила купена од Нику.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Веќе непопуларна меѓу народот, ноќта на 27 ноември 1989 година, Надја Команечи одлучила да „стане“, да почне одново, да избега. По шест часа пешачење успеала да ја премине границата со Унгарија, пристигнувајќи во Австрија, а оттаму побарала политички азил за да се пресели во САД, каде што била пречекана како политички бегалец. Неколку месеци подоцна избувнал бунтот во Романија за да се стави крај на долгиот режим.

Нејзиниот поранешен љубовник бил уапсен за злосторства против државата и осуден на 20 години затвор, но ослободен во 1992 г. поради нарушено здравје и алкохолизам. Умрел од цироза на црниот дроб во 1996 година.

Надја Команечи
Фото: Profimedia

Надја Команечи пак, во 1994 во Америка, започна врска со Барт Конер, атлетичарот кој беше вљубен во неа уште во Монтреал, во 1976 г. Две години подоцна се венчаа, а во 2006 г. го добија синот Дилан Пол Конер. Со сопругот се сопственици на спортски сали, живеат мирен, но активен живот, вклучени во промоција на спортот и бројни хуманитарни активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот