Читачот ни препорачува книги: Ми се допаѓа малиот „бум“ на македонските млади писатели

Во одредени области, секако дека сè уште има потценување кон жените, но во литературата мислам дека нема. Напротив, има одлични писателки кои се ценети и читани.

Во периодот на домашна изолација освежување е новата Фејсбук страница насловена „Читачот“ зад која стои Александар Маџаровски. И самиот писател на поезија и кратки раскази, Читачот ни препорачува книги за читање од автори кои имаат барем неколку преведни книги на македонски јазик и секако, достапни во продажба кај нас, а во иднина има намера да ја прошири листата и со домашни автори.

Александар, како што вели, преку оваа страница им се обраќа на оние што имаат барем некаква желба да читаат, но не знаат каде да почнат, или, пак, читаат книги без книжевна и естетска вредност, но и на оние кои воопшто не читаат, со надеж дека ќе ги инспирира да почнат да читаат, особено младите.

Да започнеме веднаш со концептот на твоjaтa Фејсбук страница „Читачот“, целта на страницата и како започна сè тоа?

– Иако уште пред неколку години имав идеја да направам канал на Јутјуб посветен на литературата и читањето, но постојано си давав изговори дека немам време, моменталната ситуација со коронавирусот и домашната изолација ме поттикна, или можеби подобро кажано, ме натера, да се обидам на некој начин да им го свртам вниманието на луѓето, барем сега кога имаат повеќе слободни моменти, кон читањето и добрите книги. Целта ми е да презентирам и препорачувам добри писатели и писателки, да го претставувам накратко нивното творештво, да кажам зошто сметам дека е важно да бидат читани и да спомнам што има да се чита од истите на македонски. Јас не сум литературен критичар и целта не ми е да правам некакви исцрпни и длабоки книжевни анализи, туку на пристапен начин да ја поттикнам кај луѓето љубопитноста и желбата за читање добра литература.

Дали книгите кои ги препорачуваш ги одбираш според твојот вкус или си во релација со издавачките куќи и нивните нови изданија?

– Ова е самоиницијативен проект и до сега ги одбирам писателите кои мене ми се допаѓаат и кои сметам дека вреди да се читаат. Но, се обидувам да зборувам за писатели кои ги имаме во превод на македонски, барем со по неколку книги, и ги спомнувам книгите и издавачките куќи што ги издале, така што, секој што сака ќе може да ги најде тие книги на македонски и да ги прочита. Исто така, многу наскоро ќе почнам и со рецензии на книги што се во понови изданија на некои од издавачките куќи кај нас.

На еден мал пазар каде што сите пишуваат, но малкумина читаат, на која публика се обраќаш?

– Пред сè не им се обраќам на оние малубројни луѓе кои веќе се во светот на литературата или, пак, се посветени читатели и на кои повеќето од тие автори им се познати и ги имаат читано, иако секако и тие може да се потсетат на некој автор или книга и да ги прочитаат или препрочитаат. Им се обраќам на оние што имаат барем некаква желба да читаат, но не знаат каде да почнат, или, пак, читаат книги без книжевна и естетска вредност, со тоа што би им предложил добра литература. Исто и на оние што воопшто не читаат, со надеж дека нив ќе ги инспирирам да почнат да читаат, особено младите.

Блогот стартуваше со препорака за книги од странски писатели, бргу ли ќе дојдат на ред и писателките? На пример, која прва би ја издвоил?

– Секако дека ќе презентирам наскоро и некоја писателка, треба само да одберам писателка од која имам прочитано барем неколку дела зашто тоа ми е критериумот за видеата во кои препорачувам автори. Од современите писателки, би ја препорачал полската писателка Олга Токарчук. Исто така, во моментов ги читам расказите од канадската писателка Алис Манро, која е одлична писателка и раскажувач. Искрено, во последниве неколку години прочитав многу повеќе книги од домашни писателки отколку од светски, што е супер, затоа што има наши писателки што пишуваат добро и го привлекуваат вниманието со нивните книги.

Настрана од лектирите, една од книгите во која со моите деца навистина уживавме беше романот „Светот на сребрениот кладенец“ од нашиот автор Коста Милков во издание на Метаноја.

И самиот пишуваш поезија и кратки раскази, кои книги од македонските колеги не би ги заобиколил во препораките?

– Од помладите писатели, ми се допаѓаат романите на Гоце Смилевски, а и збирките раскази на Румена Бужаровска. Ми се допаѓа оној мал „бум“ на македонски млади писатели, особено преку издавачката куќа Или-Или и уште една-две други издавачки куќи. Тоа може да значи премногу пишување, а премалку квалитет, но во случајов, подобро е преку квантитетот да се издвои она што е добро и вреди.

Литературните блогови во земја во која добар дел од луѓето се речиси неписмени – земајќи го предвид начинот на изразување и пишување, се добредојдени. Мислиш ли дека Министерството за култура би покажало интерес за поддршка на вакви проекти?

– Не знам дали Министерството за култура би покажало интерес и поддршка, но мислам дека треба. Според мене, ако има нешто што е од екстремна важност во моментов за оваа земја, особено ако зборуваме за долгорочни последици и резултати, тоа е сериозно вложување во образованието и културата.

Трендот на пишување литература за деца стана актуелен во последниве три – четири години. Сепак, и покрај незначајните промени во листата на препорачани книги за лектири во основното образование, сè уште доминираат книги кои не се во чекор со сензибилитетот на новите генерации деца. Со кои според тебе книги од современи автори би требала листата да биде освежена? Како да ги заинтересираме децата да читаат?

– Според мене, литературата за деца, а тука мислам на издаваштвото, а не на образовните политики, кај нас е една од светлите точки во последно време. Некои издавачки куќи сериозно се посветени на детската литература и тоа во секој аспект, од избор на книги, до изглед и дизајн на книгите. Конечно гледам корици на книги за деца со светски квалитет. Имајќи го предвид фактот дека децата денес се визуелно престимулирани преку игрите и разните видеа на Јутјуб, мора покрај содржината да се обрнува внимание и на визуелниот и естетски аспект. Мислам дека веб страните за литература и книги за деца и млади, како и Јутјуб видеата можат да влијаат на будење на желбата за читање. Не можам да кажам дека сум во тек со светската литература за деца. Понекогаш знам да препрочитам некоја од детските книги што им се зададени на моите деца како лектири. Настрана од лектирите, една од книгите во која со моите деца навистина уживавме беше романот „Светот на сребрениот кладенец“ од нашиот автор Коста Милков во издание на Метаноја.

Има ли дискриминација кон писателките во Македонија? Веруваш ли дека жените се потценети во нашата земја и во литературата?

– Немам целосна слика за тоа каков е односот кон писателките во Македонија од секаков аспект, но од она што го гледам во издаваштвото и бројот на писателките што се присутни на сцената и нивната читаност, не би рекол дека има дискриминација кон писателките. Во одредени области, секако дека сè уште има потценување кон жените, но во литературата мислам дека нема. Напротив, има одлични писателки кои се ценети и читани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот