Чинија салата се полни со девизен зарзават-Македонија увезува храна како да е островска земја!

шопска салата
Фото Профимедиа

Во моментот на македонскиот пазар, предзнакот домашно го имаат само зелките, празот, дел од компирите и младиот кромид. Во 2021 година агроувозот тежел 700, а рекордна сума од 900 милиони евра била потрошена во 2022 година

Само сирењето и оцетот се македонски во чиниите со популарната шопска салата. Доматите и краставиците се од Турција, Грција или од Албанија, кромидот е српски, холандски или индиски, маслиновото масло е италијанско или грчко, а во последно време дури и магдоносот е од увоз и тоа од нашиот јужен сосед. Дел од трговците брифираат дека најголемиот дел од овој зеленчук доаѓа од соседна Грција, па затоа и изненадува кога на пазарите ќе ви потенцираат дека магдоносот е македонски и ќе ви понудат китка за 30 денари!

Од земја чии ниви некогаш ја хранеа поранешната Југославија, Македонија стана високо увозно зависна од зарзават за кој годишно се одлеваат стотици милиони евра и кој според зачестените предупредувања од агростручњаците е солидно „зачинет“ со пестициди. Во моментот на македонскиот пазар, предзнакот домашно го имаат само зелките, празот, дел од компирите и младиот кромид.

Тоа е она што се произведува во нашите оранжерии, а дел од зелката на пример дури и се извезува во Украина и Романија. Од година в година Македонија троши се повеќе пари за увоз на храна. Во 2021 година агроувозот тежел 700, а рекордна сума од 900 милиони евра била потрошена во 2022 година.

– Зима е. Првите количини од нашето оранжериско производство ги очекуваме кон крајот на март, а дотогаш се ќе увезуваме. Никој не водеше сметка за предупредувањата дека ќе ни се случи колапс на земјоделското производство. Нивите стојат незасадени. Нема кој да ги работи, парцелите се намалуваат, а одредени видови зеленчук веќе никој не ги работи. За жал во моментот освен праз, зелка и млад кромид, се друго е од странство – вели за „Слободен печат“, Блажо Витанов од „Империјал фрут.

Пред десетина година, Македонија извезуваше од 380 до 400 илјади тони домати на годишно ниво. Сега извезува од 30 до 50 илјади тони. Значи нема кој да работи, скапо е производството на доматите и сега кога нема големи количини држи цена. Посебно ова важи за доматите – вели Витанов, кој се занимава со откуп, пакување и извоз на зеленчук и овошје.

– Кога ќе стаса нашето оранжериско производство, веќе ќе се појават албанските зеленчуци на отворено и повторно ќе имаме поплаки за ниските откупни цени. Извозот е речиси запрен, другите не престасаа со цената и квалитетот – додава Витанов.

Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, неодамна истакна дека изминатата година била лоша за земјоделците од аспект на производството, пласманот и ниските откупни цени. На тоа влијаела и нивната неорганизираност и нездружување, кое ги направило ранливи во однос на трговците.
Според неа, веќе нема да има евтина храна, а не треба да им се замери на производителите што ќе го даваат својот род на оние што повеќе плаќаат. Покрај намаленото домашно производство, земјоделците велат дека земјава станува зависна од увоз. За овој лош тренд да не стане уште полош, но и пред се да се задржат помладите земјоделци, државата мора сериозно да поработи на инфраструктурата, која е во очајно лоша состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот