Четврти пакет економски мерки: Фокусот на зголемување на потрошувачката моќ на граѓаните, но и на компаниите за плати

Поддршка на приватната потрошувачка со ваучери и картички за најсиромашните, како и таргетирана поддршка на најпогодените компании од ковид кризата. Кон тоа ќе бидат насочен четвртиот владин сет на антикризни мерки за стопанството и за населението што сè уште се дефинираат. Пресметките за нивната вредност сè уште траат, а нивната објава е најавена за наредната недела. За некои ќе се интервенира со закон, а за некои со уредба.

Стопанството, пак, продолжи да испорачува нови барања за помош, а од вчера и најавата за државна гарантна шема со која ќе се гарантираат комерцијалните кредити на фирмите.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе има поддршка на приватната потрошувачка, со нови картички и ваучери што ќе бидат поконкретизирани за да можат да бидат истрошени во дејностите што се најпогодени. Тука, како што рече, спаѓаат сите социјално погодени граѓани, односно покрај пасивните баратели на работа, пензионерите со пензии под 15.000 денари, самохраните родители, стечајните работници кои земаат надомест, како и ранливите категории сиромашни граѓани преку центрите за социјални работи.

Се разгледуваат сите можни аспекти за натамошно помагање на стопанството преку мерките што дадоа резултати, а специјална нова мерка ќе има за враќање на отпуштените работници. Износот на мерката од претходниот пакет за помош при исплата на плата во износ од 14.500 денари ќе се доделува во зависност од тоа колку се погодени фирмите од кризата.

– Ако аплицираат компании што се погодени над 30 отсто, би требало да имаме капацитетност да одиме со дополнителен развој на мерките пропорционално да ги поттикнеме и помогнеме оние што се погодени и 50, 80 или 100 отсто. Најверојатно ќе тргнеме од некоја помош од 14.500 денари, каде дополнително ќе важи за тие што се погодени до 30 отсто, а би требало да биде поголема за тие што повеќе се погодени за да имаме правичност во целата реализација на сите овие мерки. Дефинитивно ги помагаме компаниите со 20. милиони евра, што во моментот ги развивме како процедури. Одиме директно на целата подготвеност што можеме да направиме со парафискалните давачки, одложувањето на одредени даноци, како даночната аконтација на данокот на добивка и одредени други важни даноци, рече вчера премиерот Заев.

Како што објави министерот за финансии, Фатмир Бесими, државната гарантна шема треба да започне да профункционира до крајот на годината. Ќе се одвива преку Развојната банка која ќе ја развие гарантната шема. За тоа се потребни законски измени.

– Со оваа мерка ќе се подобри ликвидноста на компаниите, ќе се олесни можноста за компаниите да ги спроведуваат тековните активности, но ќе се поттикне и инвестициската активност, која е суштинска за раздвижување и ревитализација на економијата, најави вчера Бесими.

Тој пред бизнисмените од Стопанската комора истакна дека може да очекуваат и признавање на трошоците за тестови за Ковид-19 од даночен аспект, а позитивен е ставот и за нивното барање за двојното оданочување за здравственото осигурување. Стопанствеиците бараат и намалување на парафискални давачки, даночен календар за поголема предвидливост, укинување на царината за природниот гас и уредбата за акцизите донесена во време на корона-кризата, да се преточи во закон. За тие мерки ќе се анализираат фискалните импликации.

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши, информира дека четвртиот пакет економски мерки ќе биде значително поголем од претходните, ќе опфати повеќе категории граѓани и ќе се реализира до крај на годината.

– Ќе целиме да помогнеме и на секторите во кои претходно и можеби немаше дадено помош. Со четвртиот пакет ќе бидат опфатени најсиромашните, со цел да ја зголемиме нивната потрошувачката моќ, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе продолжиме со помошта за плати во најпогодените сектори, рече Бектеши, посочувајќи дека бизнис секторот позитивно одговори на досегашните  мерки.

Тоа, според него, го покажува податокот што од вкупно 500 милиони евра предвидени за поддршка на економијата досега се реализирани околу 140 милиони евра од кои приближно 40 милиони евра се исплатени за граѓаните, а 100 милиони евра како финансиска поддршка за фирмите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот