Четири години од смртта на познатиот македонски драмски писател Горан Стефановски

Фото: Принтскрин/Фејсбук

На 27 ноември 2018 година во местото Кентбери, Англија на 66-годишна возраст почина познатиот драматург Горан Стефановски.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола каде неговите родители работеле во Народниот театар – Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството Горан го поминал во театрите. Негов помлад брат е Влатко Стефановски, познат виртуоз гитарист.

Горан Стефановски завршил Филолошки факултет во Скопје, на катедрата по англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.

Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.

Стефановски е автор на телевизиските драми „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ-сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“.

Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

Високо ценет есеист, јавен интелектуалец и предавач, Стефановски објавил трудови на голем број конференции и одржал работилници низ цела Европа. Неговото последно јавно предавање било на Меѓународната федерација за театарски истражувања на Светски конгрес во Белград во јули 2018 година како пленарен предавач.

Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот