Чествување за Блаже Конески на УГД во Штип: Македонскиот јазик најдобро се чува низ живата реч

По повод јубилејот – 100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески во текот на целата година се одржуваат настани во рамки на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, а настан се одржа и во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Македонскиот јазик најдобро се чува низ живата реч и со книжевната архива што ја создаваат македонските автори. Вака говореа професорите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, каде беа одбележани Денот на македонскиот јазик и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, а белешки за настанот ни испрати новинарката Сузана Мицева.

– Она што досега е создадено на македонски јазик е ризница која го сведочи неговото постоење, неговата убавина и посебност – истакнала деканката на Филолошкиот факултет во Штип, д-р Драгана Кузмановска. Таа смета дека македонскиот јазик и Конески се нераскинлив дел од македонската посебност, тие ја дефинираат. Зашто, токму Конески-корифејот на македонската книжевно-научна мисла, е човекот кој застана на браникот на јазикот и татковината тогаш кога беше најсилно оспоруван и негиран.

– Нашата традиција е долга, корените ни се длабоки, имаме долг и обврска да го чуваме и негуваме македонскиот јазик како најсвета оставина од нашите предци. Блаже Конески токму тоа сакаше да нѐ научи и преку стихот и преку научната мисла. Затоа како генерација мораме да веруваме и да ја шириме неговата знаменита мисла дека „јазикот е единствената наша комплетна татковина“ – заклучила Кузмановска.

Атанас Конески со д-р Драгана Кузмановска, деканка на Филолошкиот факултет во Штип

Д-р Ана Витанова-Рингачева, професор и раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УГД во Штип, одржала беседа за Конески. Таа, во својата реч, Конески го нарекува чувар на духот на нашиот културен континуитет. За неа тој е поетот кој силно нурна во мракот на сите наши колективни и лични стравови, трауми и премрежја, оној кој со стих се обиде да ги заузда сите разбеснети буици. Витанова-Рингачева истакнала дека Конески преку својот силен збор „макар на непризнат јазик“, нѐ издигна високо, нѐ поткрена за да го видиме светот.

Изминатите дваесет години, ликот и делото на Блаже Конески се чуваат и преку дејствувањето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, којашто го носи името по неговото родно место. А неговото дело се проучува, но и продлабочува и дополнително вреднува низ континуираната работа на неговите наследници, книжевниците и научниците-следбеници на Конески. Токму годинава, кога се обележува јубилејот 20 години Фондација „Небрегово“, но и еден век од раѓањето на Конески, и кога македонскиот јазик е повторно изнесен на мегдан за докажување, Фондацијата ја реиздаде книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, којашто првично е објавена во 1948 година. Секретарот на фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески нагласи дека книгата е наменета, пред сѐ, за книжевниците и научниците, да се потсетат на аргументираната битка на Конески за македонскиот јазик и да влечат нови паралели и поткрепи во своите научни тези за континуитетот на македонскиот јазик.

– Блаже Конески и неговото дело се повеќе од реченото и напишаното, бидејќи засекогаш останува живиот спомен за него и неговата бесмртност, а славата на бесмртните е бесконечна – истакнал Атанас Конески.

Фондацијата „Небрегово“ доделила по еден примерок од книгата „Македонски јазик: идентитет и континуитет – доискажување“ на Трајко Стаматоски, донација од издавачката куќа „Култура“ од Скопје, на ученици од основните и средните училишта и студенти од источниот дел на Македонија, кои учествуваа на литературниот конкурс „Поетски пораки за Конески“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот