ЧЕРНОБИЛ ДЕНЕС: Кој живее во забранетата зона 33 години по катастрофата (ФОТО)
За повеќето, Чернобил денес претставува една руина која некогаш била град со околу 14.000 жители, иако ова место некогаш било многу важно трговско и индустриско седиште на речниот пат помеѓу Балтикот и Црното Море.
Препорачано

Овој град се наоѓа на само 15 километри од познатата Ленинска нуклеарна централа, каде што во 1986 година имаше катастрофа во реакторот број четири. Сепак, малкумина знаат дека градот Припјат поминал уште полошо, бидејќи во него имало околу 50.000 жители, од кои повеќето биле вработени во фабриката. Поради катастрофата околу 100.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
Денес тоа се напуштени градови. Становите, базените, болниците и другите објекти се оставени да изгнијат, а граѓаните по несреќата можеле да понесат само куфер со документи, книги и облека што не биле контаминирани.

На почетокот на 21 век зградите и становите биле целосно ограбени, а се краделе дури и ве-це шолјите, по што становите се наполниле со вода, па не е невообичаено да се види како дрво расте низ покривот на куќата или во самата куќа.
Живот во „смртоносната шума“
Радијацијата во боровата шума покрај електраната била толкава што стеблата веднаш се исушиле, а скоро сите животни загинале. Било очигледно дека ова подрачје е неприкладно за живот и дека ќе остане мртво намјалку неколку векови со оглед на брзината со која се распаѓаат радиоактивните материи и престануваат да бидат опасни за околината.

Меѓутоа, денес, по 33 години по несреќата, „црвената шума“ се претворила во вистински резерват. Тука сега живеат мечки, волци, рисови, диви свињи, коњи и многу други животни и птици.
Пред 5 години научниците инсталирале 42 видеокамери кои реагираат на движење на живите суштества.
Истражувачите биле изненадени кога откриле дека во шумата сè уште радијацијата е висока, но дека таа скоро и да нема негативно влијание на дивите животни во Чернобил.
Секако постојат некои отстапувања. На пример албино често наоѓаат кај птиците, инсектите се пократки отколку надвор од шумата, а глодарите имаат значително помалку потомоци.
Според збровите на научниците, животните биле многу поотпорни отколку што се очекувало.
За природата тоа е рај на земјата
Бидејќи целата зона беше со години затворена, па човечката нога не смеела да стапне таму, природата почнала самостојно да се развива, а животните непречено влегувале на таа територија. Дури и во тој регион биле префрлени диви коњи од Пржевалски, каде што тие живееле како во рај, објаснува научниот соработник на рускиот институт за радијација и хигиена, Михаил Балонов.
„Поголема е веројатноста дека волците ќе ве изедат отколку да бидете озрачени. Природата неверојатно се развила во тоа подрачје. Таму за природата е рај на земјата. Луѓе нема, а шумите се преубави, реките и езерата се чисти. Покрај тоа и Украинците и Белорусите донеле најразлични видови животни во тој предел и тие досега прилично се развиле. Меѓутоа, волците навистина се опасност, воопшто не се шегувам“, вели тој.

Меѓутоа, според зборовите на Вјачеслав Гришин, претседателот на организацијата „Сојуз на Чернобил“, и покрај тоа што контаминацијата на плутониум, кој и претставува најголема опасност за човечкото здравје не била толку голема, туку главните загадувачи биле цезиум -137 и стронциум -90, чиј период на полураспаѓање е 30, односно 12 години, а ситуацијата во тој предел не е толку розова.
На пример, како што објаснува тој, производителите на хељда во Брјанската област, која исто така била во зоната на еколошка катастрофа, се жалат дека речиси никој не сака да ги купи нивните производи. Како што тврди, постои силен психолошки фактор – луѓето што живеат во овие области сè уште стравуваат за здравјето на генерациите што доаѓаат, и ако детето често заболува и има слаб имунитет, луѓето веруваат дека тоа е последица на радијацијата.
Популарни дестинации
Од друга страна, иако звучи неверојатно, Чернобил и Припјат денес се една од најпопуларните дестинации меѓу туристите кои сакаат адреналин и предизвикувачки дестинации. Тоа се оние на кои им здодеале класичните дестинации па се желни за нешто возбудливо што не може да се види секој ден.

Тековните мерења покрај кобниот реактор број 4 покажуваат дека зрачењето изнесува до 25 микрорендгени на час, додека во Москва за нормален се смета резултат до 20, напоменува Гришин иако нагласува дека и понатаму постојат одредени локации на кои нивото на радијација е прилично високо.
Нивото на радијација околу нуклеарната електрана во „Чернобил“ сега е многу пониско но сè уште е опасно за луѓето. Припјат е прогласен за ненаселив во наредните 24 илјади години. Меѓутоа тоа не значи дека оваа територија не може да се користи на друг начин. На пример, годишно околу 70.000 туристи ја посетуваат оваа забранета зона.
Нуклеарната електрана е претворена во соларна
На саркофагот кој ја покрива уништената зграда на реакторот инсталирани се скоро 4.000 соларни панели. Нуклеарната електрана е претворена во соларна.

Контаминацијата во шумата е неизедначена. Некои области се многу радиоактивни и малку е веројатно дека на Земјата ќе наидете на ова ниво на радијација. Во некои делови радијација воопшто нема, вели канадскиот биолог Тимоти Мусу.
Меѓутоа, последиците од катастрофата уште се чувствуваат и надвор од погоденото подрачје.
На пример една минатогодишна студија покажала дека кравите во областа Ривна се уште даваат млеко со три и пол пати поголема количината од дозволениот радиоактивен цезиум -137.


