Фото: БТВ/принтскрин

Бугарија не ја даде адресата на Пендиков, утре во Охрид ќе му се суди на првиот напаѓач

Бугарските власти сѐ уште не одговориле на барањето од охридското Основно јавно обвинителство да ја добие адресата на која престојува охриѓанецот Христијан Пендиков за да може да го повикаат на распит за случајот со неговото претепување.

„Основното јавно обвинителство Охрид, преку инструментот за меѓународна правна помош, упати барање до бугарските власти за да ја обезбеди адресата на која престојува оштетениот. Одговорот на барањето сѐ уште се очекува. Обвинителството има потреба од оштетениот во рамките на постапката која се води против второто осомничено лице“, велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.

Од Овинителството додаваат дека постапката може да се води и без неговиот исказ, односно врз основа на другите обезбедени докази, но, како што велат оттаму, сметаат дека оштетениот има правен интерес да се вклучи во постапката со цел побрзо и поефикасно прибирање на доказите.

Според процедурите, Пендиков би требало да изврши препознавање на напаѓачите, и за да му достави покана на Пендиков, охридското обвинителство преку бугарските власти се обиде да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.

„За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок“, појаснуваат од обвинителството по испраќањето на барањето до бугарските власти.

Инаку, судењето на првиот напаѓач на Пендиков, Илија Спасески ќе се одржи утре во Основниот суд Охрид. Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков што се случи на 19 јануари, но на 22 февруари беше пуштен од притвор, а истиот ден беше приведен вториот напаѓач на Пендиков, битолчанецот Б.А. Обвинителството од Охрид веднаш побара од судот привремено да му го одземе пасошот за да не може да ја напушти државата. Според обвинителството, делото е извршено од омраза, односно Спасески и битолчанецот, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно го повредиле Пендиков.

Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека Христијан Пендиков може да одговара за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и Македонците, а главната улога ја има Обвинителството.

Тој во интервју за „Макфакс“ кажа дека Пендиков своите тврдења дека Бугарите во Македонија се малтретирани ќе треба да ги докаже.

Маричиќ одговори на прашањето дали може да му се одземе државјанството на Пендиков, но и што може државата да направи за да ги спречи обвинувањата и навредите што доаѓаат од него.

– За обвинувањата и навредите кон Македонија, може да се одговара кривично. Не мора да го врати државјанството. Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок, заклучи Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот