Бугари делат книга на Шапкарев во поштенски сандачиња низ Скопје, велат дека нема врска со изборите

„Големата бугарска читанка“ на Шапкарев е првпат издадена во 1868 година

Во поштенските сандачиња во згради во скопската населба Мичурин вчера биле оставени отпечатени примероци од книгата на Кузман Шапкарев „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“, објави агенцијата Мета, пренесувајќи сведоштва од граѓани кои ги добиле книгите.

Тие биле спакувани во најлонска кеса брендирана со Фондација „Македонија“ и испишана порака „Подарок од бугарскиот народ за нашите браќа“. Фондацијата „Македонија“ пред неколку недели ја објави информацијата за наводно оштетените бугарски воени гробишта кај Кавадарци, која подоцна се покажа како лажна.

Агенцијата Мета дошла до еден примерок од книгата, а во него не е наведено каде е печатено. Нема ниту информации за тоа кој е уредник на изданието, ниту кој го финансира неговото печатење.

Примерок од бугарската читанка дистрибуирана вчера од Фондација „Македонија“ во згради во скопската населба Мичурин; Фото: Мета.мк

Единственото нешто што е наведено како вовед, во како што се тврди, „новото фототипно издание” на читанката на Кузман Шапкарев, е обраќањето на Елисавета Шапкарева од 24 април 2021 година, објавено на првата страница од примерокот. Шапкарева наведува дека се радува што оваа книга ќе стигне „до сите коишто држат до бугарштината во Македонија“, пишува Мета.

„Ќе се радувам оваа книга да допре до сите на коишто им е важна бугарштината во Македонија. Ние сме еден народ, разделен со граница, со заедничка историја, со заедничка европска иднина и со заеднички национални херои. Кому му припаѓаат тие? Ние одиме по еден пат, зборуваме еден бугарски јазик, сите сме Бугарија и нашата татковина е македонска Бугарија“, пишува авторката Шапкарева.

Таа ги цитира зборовите на Кузман Шапкарев: „Грижи се за татковината, за народноста и немој ништо да прежалиш за нивниот успех“. Нејзиното обраќање продолжува со зборовите: „затоа да живееме во мир и без спротивставувања што ќе нè разделуваат“.

Според информациите од граѓаните. отпечатените примероци на ова издание тие ги нашле во сандачето од нивната зграда во населбата Мичурин, но и други познаници од околните станбени објекти им кажале дека им биле поделени идентични примероци од изданието.

Од Фондацијата „Македонија“ испратија објаснување до Мета околу дистрибуцијата на книгата.

„Да, потврдувам дека активисти на Фондацијата „Македонија“ бесплатно ја дистрибуираат ‘Големата бугарска читанка’ од Кузман Шапкарев од вчера. Главно во населбата Аеродром, но и во други делови од Скопје. Иницијативата ќе продолжи во следниве месеци и ќе се делат и други книги што се на книжевен бугарски јазик“, вели за Мета претседателот на Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов.

Како што посочува тој, целта на оваа иницијатива е „образовна“, за жителите на Скопје да се запознаат со еден од букварите што Кузман Шапкарев од Охрид ги издал во далечната 1868 година во Цариград.

„Книгата е препечатена од оригиналот. Неопходно е заради добрите односи меѓу нашите две општества, луѓето од Република Северна Македонија, особено младите, да знаат за нашата заедничка историја. Со оваа книга и многу други книги што ги дистрибуираме бесплатно низ Република Северна Македонија сакаме да подадеме братска рака на нашите браќа Македонци и да покажеме дека јазикот ни е многу близок, да не речеме, и истиот. Сите Македонци што читаат книги на литературен бугарски јазик лесно го разбираат. Тоа помага на добрите односи меѓу двете наши општества и за взаемното ценење и почитување“, гласи одговорот на Стојанов од Фондација „Македонија“.

Тој додава дека не верува оти дистрибуцијата на ваквите отпечатени примероци во Скопје би можела да влијае на вториот круг на локалните избори во земјава што ќе се одржат во недела.

„Не сметам дека има некоја си врска со изборите в недела, исто како што не сметам дека на некаков начин ќе влијае на локалните избори в недела, оти оваа иницијатива ја имаме и ја вршиме веќе 6 месеци и ќе продолжиме да ја развиваме и во следните месеци“, вели Стојанов за Мета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот