БОГАТСТВОТО СЕ КОНЦЕНТРИРА ВО ГОЛЕМИТЕ ГРАДОВИ: Расте јазот помеѓу богатите и сиромашните региони во ЕУ

фото: Профимедиа

Разликата на БДП-то по глава на жител во паритетот на куповната моќ меѓу најбогатиот регион во Европа, Западен Лондон и најсиромашниот регион Екстремадура во Шпанија во 2017 година беше 168.700 евра. Ова е за 41 процент повеќе отколку во 2007 година.

Бројките објавени на почетокот на октомври од страна на „Евростат“, канцеларијата за статистика на Европската унија, се пример за тоа како финансиската криза во 2008 година ја зацементира регионалната нееднаквост во Европската унија, во која богатството се повеќе се концентрира во најголемите градови во Европа.

Шпанија на ова поле нема позитивни резултати, само пет од нејзините региони имаат БДП по глава на жител над европскиот просек, според мадридскиот весник „El Pais“.

Сега е на повидок нова рецесија, која пристигнува пред Европа да се опорави од претходната. Според најновиот годишен извештај на „Евростат“, објавен на почетокот на овој месец, најголемите престолнини во Европската унија и нивните пошироки метрополитенски области собраа најголемо богатство во последните години.

Во исто време, повеќето региони на Европската унија имаат БДП по глава на жител еднаква или помала од просекот на ЕУ од 30.900 евра. Таков беше случајот во 59% од регионите во 2007 година и 62% во 2017 година.

Забележителна разлика во богатството помеѓу главниот град и руралните и пост-индустриските региони

Со други зборови, економското закрепнување не го намали јазот помеѓу земјите-членки на ЕУ, ниту пак нееднаквостите во секоја земја-членка. Шпанија не е исклучок.

Постои забележителна разлика во богатството помеѓу главниот град и руралните и пост-индустриските региони. Заедно со Франција, Шпанија е една од земјите чии региони најмногу заостануваат зад остатокот на Европа во 2007 и 2017 година, според податоците на European Parliamentary Research Servicesa (EPRS), тинк-тенк групата на Европскиот парламент.

Според „Евростат“, во само пет шпански региони – Мадрид, Баскија, Навара, Каталонија и Арагон – БДП по глава на жител во 2017 година бил над европскиот просек. Од друга страна, Екстремадура, шпанските градски енклави во Северна Африка, Мелила и Сеута и Канарските острови, беа на 64 до 75 проценти од европскиот просек.

– Кризата го зголеми јазот во приходите меѓу регионите. Некои сектори беа погодени повеќе од другите, но механизмите за прераспределување исто така дадоа нееднакви резултати – вели Хозе Гарсија Монталво, професор на универзитетот Помпеу Фабра.

Гарсија Монталво смета дека европската кохезивна политика, дизајнирана да ги ограничи нееднаквостите, не била доволна за да се спротивстави на природните разлики. Буџетот на ЕУ за кохезивна политика, кој ќе изнесува 1,3 проценти од европскиот БДП помеѓу 2021 и 2027 година, сега се дискутира во Брисел.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) веќе појасни во еден од своите најнови извештаи дека регионите со изразена меѓународна изложеност доживуваат побрз раст. Големите престолнини привлекуваат несразмерна сума на странски капитал, што ги прави далеку побогати од градовите со оскудни странски инвестиции.

– Тоа е генерален тренд. Концентрациите на богатството би продолжиле без криза, но тенденциите се засилија и кризата само го засили тој ефект – рече Игнасио Молина, истражувач во „Real Instituto Elcana“.

Во најбогатиот регион во Европа, БДП по глава на жител е 188,000 евра

Западен Лондон достигна просечен БДП по глава на жител од 188,000 евра во 2017 година, скоро шест пати од европскиот просек, што го прави најбогат регион во Европа. Луксембург е далеку втор со просечен БДП по глава на жител од 75.900 евра. Во спротивна насока е северозападниот регион на Бугарија.

Според написот на независниот тинк-тенк „Center for European Reform“, најпродуктивните региони веќе не се високо индустријализирани. Локацијата во близина на градовите во развој или оние со висока концентрација на млади професионалци е исто така важен фактор.

Овој тренд на концентрација на богатството во големите престолнини, дефиниран од „Евростат“ како „моноцентричен“, е исто така распространет во Источна Европа. Прага, Братислава и Букурешт имаат БДП по глава на жител далеку над европскиот просек, додека остатокот од земјите далеку заостануваат. Италија и Германија се единствените исклучоци од ова правило.

– Кризата не влијаеше толку на целокупното богатство, туку неговата дистрибуција. Тоа е резултат на кризата и што е уште поважно, последица на штедењето – додаде Молина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот