Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџити денеска во изјава за Слободен печат ги отфрли како невистини зборувањата дека на местото на спортско-рекреативниот центар Треска ќе се гради болница, поради што сопствениците на камп приколки се обврзани во рок од 60 дена да ги дислоцираат приколките.
– Рокот за дислокација на камп приколките е до крај на февруари, сметам дека е разумен рок и има време сопствениците да одлучат што ќе прават со приколките. Ние имаме и јавно претпријатие, сопствениците на приколки можат и таму да се обратат. Шпекулации и невистини се кажувањата дека на локацијата ќе се гради болница или трговски центар. Рекреативниот центар ќе заживее повторно и граѓаните ќе имаат каде да се забавуваат, рече градоначалникот Блерим Беџети.
Убави спомени од младоста поврзани со рекреативниот центар Треска има и скопјанецот Сулејман Ахматовиќ.
-Тука доаѓавме многу често, уживавме и во младоста и во убавината на местото. Секогаш беше полно со посетители од сите генерации. Многу ми е жал што повеќе не е во функција, вели Сулејман.