Блаже Конески е лингвопоетички знак на распознавање со светот

Стогодишнината од раѓањето на великанот на поетскиот збор и лингвистичката мисла, Блаже Конески, е силен мотив за повеќе културни установи да организираат настани во таа чест. Во паркот пред Културно-информативниот центар во Скопје, со поддршка на Град Скопје, на 5 мај, на Денот на македонскиот јазик, се одржа трибината „Блаже Конески денес“, на која учествуваа Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, и лингвисти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, како Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски.

Целта на трибината беше ликот и делото на Конески да се осветлат и во потесна и во поширока смисла. Во потесна смисла: она што претставува неговото творештво денес во македонската општествена, културно-просветна и научна стварност, како стимул и корпус. Во поширока смисла: како влог во една воспоставена лингвопоетичка традиција во македонистиката, од којашто произлегува препознатлива лингвистичка школа, која со право го носи неговото име: Школа на Блаже Конески.

– Конески е длабоко всаден и во науката и во традицијата. Неговото творештво е толку силно и цврсто втемелено, прво во научната вистина, потоа во нашата национална традиција и вредности, што него не можат некои бранувања од времен карактер да го доведат во прашање. Оттука, потсетувам и на зборовите на академик Гане Тодоровски, кој тврди дека „Блаже Конески е вон сите сомневања централна творечка фигура на втората половина на 20-тиот век во Македонија; тоа е личност на автор чие дело е временски и категоријално и качествено неповторливо, буквално неповторливо“ (Тодоровски, 2002: 78-79) – нагласи Јанчева.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, се обрати на трибината „Блаже Конески денес“

Таа додаде дека нема сомневање дека Блаже Конески е личност што му даде најизразит печат на времето на нашето слободно живеење, што широко и длабоко ја осмисли нашата културна акција, тој беше, е и ќе биде наш знак на распознавање со светот. Човекот што го истури сиот свој творечки потенцијал во полза на својот народ со што го задолжи многу и својот народ и нашиот град, па редно е и тој – градот Скопје да му се оддолжи нему, согласно со „чување на вредностите во една традиција“, како што и тој рече при еден повод, забележа Јанчева.

– Со посебен пиетет сакам да нагласам дека потврда за тоа колку ние како Град Скопје денес му се имаме оддолжено на ликот и делото на Блаже Конески за тој да биде присутен меѓу сегашните и идните генерации е тоа што Советот на Град Скопје на својата 65-та седница, донесе одлука скопскиот булевар ВМРО да го носи името на Блаже Конески. Понатаму, за тој да биде инспирација за нови достигнувања во творештвото, финансиски го поддржуваме и издавањето на книгата „100 песни во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески“, а како израз на почит кон великанот финансиски ја поддржуваме и трибината организирана од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и мноштво други активности, зашто Конески не беше човек што се раѓа секој ден или, пак, секоја година – резимираше Јанчева.

Во своето обраќање професорот Димитар Пандев, меѓу другото, истакна дека статусот на Блаже Конески прераснува во легенда, а неговото книжевно творештво претставува стамен корпус во македонскиот литературен јазик. Со неговата лингвистичка мисла, во која на хиерархиски највисоко рамниште е поставена теоријата за литературните јазици, зашто меѓу лингвистите што теориски ја поставиле и обработиле оваа теорија во која било друга јазична заедница во светот, Конески е единствениот пример што со целокупното свое творештво индуктивно и интуитивно ја илустрира оваа теорија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот