Бизнисменот Темелковски тврди: Дел од тие што ми се закануваа уште работат во МВР

Бизнисменот Зоре Темелковски, сведок во случајот „Таргет-Тврдина“, изјави дека во периодот од 2008 до 2015 година бил во бизнис врска со негови партнери од Бугарија и Израел. Во тој период бил и претседател на Македонско – бугарската бизнис комора. Во тој период користел два телефонски броеви.

За неприликите кои ги имав од прислушкуваните разговори ги известив надлежните во Македонија, а по совет од бизнис партнерите од Бугарија, случајот е пријавен и во бугарската полиција. Кога како спас се појави СЈО, електронски поднесов барање за увид дал сум прислушкуван, рече сведокот.

– Тие идиотите кога ќе се напиеја во кафана сешто изнесуваа што се случува во полицијата. МВР ми одзеде џип и не ми е вратен со години. Имам и судска пресуда, но не ми го враќаат – нагласи Темелковски.

Тој рече дека одредени луѓе преку неговиот пријател од МВР, Бранко Радисавлевиќ му било пренесено дека против него имаат докази за наводни закани и тоа за него било доволен доказ дека е прислушкуван.

– По телефон од лицата кои се занимаваа со мене бев опоменат да дојдам да си слушнам мој разговор – рече Темелковски.

Сведокот рече дека бил под голем притисок од полиција.

– Имав голема доверба во судството. Како поранешен пратеник мислев дека тоа е невозможно, а спасот го гледав во СЈО – нагласи Темелковски.

Тој рече дека тие што му се заканувале и му правеле притисок не се меѓу обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“.

– Еден од тие што ми се закануваат е пензиониран, а другите уште работа во МВР. За се што зборам имам документ – изјави Темелковски.

Поранешниот шеф на униформираната полиција, пензионерот Бранко Бојчевски во периодот од 2008 до 2015 година бил сопственик на агенција за обезбедување “ОСА”.

– Јас бев прислушкуван. На социјалните мрежи се појави разговор меѓу мене и Хари Костов. Му се пожалив дека директорот на Скопски пазар на агенцијата за обезбедување и должи многу пари. Потоа бев повикан од тој директор и договорот за соработка беше раскинат. Исто таја и на тендери каде учествувавме како фирма бевме одбивани. До СЈО имав поднесено барање за увид во прислушкуваните разговори – рече Бојчевски.

Златко Николовски, оштетен во овој процес, вработен во Агенцијата за национална безбедност, рече дека од 2008 до 2015 година работел во УБК.

– Се посомневав дека сум прислушкуван. До СЈО имам поднесено барање дали мојот број е прислушкуван. Ќе барам отштета во овој случај – рече Николовски.

Oбвинети во „Таргет-Тврдина“ се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски, ексразузнавачот Никола Бошковски и уште неколку лица вработени во УБК.

Обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Според обвинението за „Таргет-Тврдина“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

На 1.541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5.827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20.000 граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот