Битиќи: Горд сум на тоа што Владата создава средина за инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија

Фатмир Битиќи / фото: МИА

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на отворањето на конференцијата „Забрзување на финансирањето на зелени проекти: Претставување на инструментот за Зелено финансирање”, при што истакна дека во оваа фаза на развојот на Република Северна Македонија неопходно е да се зборува за забрзување на „зелените финансии” и за неопходноста од воведувањето различни финансиски инструменти што ќе водат до подобар исход за животната средина во државата.

-Дозволете ми да ги повторам позициите на Владата на Северна Македонија и уште еднаш да потенцирам дека нашата посветеност на „Зелената” агенда е поголема од кога и да било досега, а со тоа и потребите за инвестиции се значителни на сите нивоа и во сите сектори. Ние, без сомнеж, сме целосно посветени на намалување на загадувањето, намалување на емитувањето на стакленичките гасови, зазеленувањето на нашата економија, особено преку намалување на нашата зависност од фосилни горива и фокусот на поефикасно користење на енергијата и во индустрискиот и во станбениот сектор, потенцираше Битиќи.

Вицепремиерот се осврна на енергетските политики во Северна Македонија, посочи дека тие се сеопфатни и бараат голема посветеност и работа во имплементацијата.

-Нашите ветувања, намери и планови се претвораат во дејства и во факти. Неодамнешното поднесување на нашиот унапреден „Национален придонес за климатските промени”, усвојувањето на Стратегијата за развој на енергиката и другите национални стратегии и планови усогласени со пристапниот процес на ЕУ и Зелениот договор, се наш начин за достигнување на нашите краткорочни и долгорочни цели, но исто така, горенаведените стратегии и пристапи јасно ја покажуваат решеноста на Владата да воспостави политики поврзани со енергијата и да преземе дејства како централна точка за декарбонизација и напори за зелено закрепнување, додаде вицепремиерот за економски прашања.

Битиќи подвлече дека спроведувањето на сите стратешки документи ќе покаже дека може да се одвои економскиот раст од емисиите на јаглерод и од неодржливите потрошувачка и производство.

-Од друга страна, трошокот што ќе биде потребен за инвестирање во енергетската транзиција е повеќе од профитабилен и тоа во многу насоки: прво, заштита на здравјето на граѓаните и заштита на животната средина; второ, треба да се земе предвид дека Европската унија воведува данок за загадување од термоелектрани, на емисии на јаглерод диоксид со што, практично, се обесхрабрува производството на електрична енергија од конвенционалните фосилни горива и ќе придонесе кон тоа производството да биде поскапо отколку што е сега. Затоа, инвестирањето во обновливи извори не треба да се гледа само како трошок, туку и како заштеда и како инвестиција за иднината, за одржливост на општеството и за подобар живот на граѓаните, потенцираше Битиќи.

Финансискиот пејзаж ги става во фокус инвестициите во енергетската ефикасност, истражувањето, иновациите, конкурентноста и обновливата енергија, а тоа е одлична можност да се искористи спојувањето на јавните и приватните фондови.

-Во таа насока, ја цениме потенцијалната можност за партнерство со Заедничкиот фонд за одржливите цели за развој (Joint SDG Fund), со агенциите на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграција и УНЕЦЕ, ЕБРД и 7 приватни банки од Северна Македонија во воспоставувањето на „Инструмент за зелено финансирање”. Механизмот за финансирање ќе служи за пример за тоа како различни партнери – јавни, приватни и меѓународни финансиски институции – може да ја комбинираат својата експертиза заедно и да ги спојат финансиите за забрзување на одговорот кон климатските промени. Тоа, исто така, ќе отвори нови, иновативни патишта за поттикнување на бизнис и станбените сектори и обновливата енергија што се користи таму, како и за усвојување на ефикасни технологии. И конечно, ќе креира нов модел за тоа како да се искористат инвестициите од приватниот сектор и да се стави во употреба владиното финансирање за стимулирање на пазарната реакција и поголемите инвестиции во еден заеднички приоритет. Поради тоа, силно го поддржуваме развојот на „Инструментот за зелени финансии” и драго ми е што можам да кажам дека Владата има намера да придонесе со 800.000 долари кон овој инструмент, рече Битиќи.

„Инструментот за зелени финансии”, нагласи, треба да претставува систем од поврзана, взаемно засилена интервенција, наспроти повеќе паралелни интервенции што функционираат одделно. Овој инструмент ќе охрабри инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност, инвестиции во нови, иновативни решенија привлечни за пазарот истовремено зголемувајќи ја свесноста и негувајќи ја културата за одговорно производство и користење на енергијата.

Горд сум на тоа што Владата на Република Северна Македонија игра значајна улога во создавањето и овозможувањето средина за инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот