Биљана Муратовска, Макамтранс: Еколошката такса ги казнува и транспортерите и целиот народ

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Воведувањето на еколошката такса за нафтени деривати во ист кош ги става и транспортерите, но и граѓаните кои возат автомобили кои речиси и не загадуваат, децидна е Биљана Муратовска од Макамтранс. Муратовска за „Слободен печат“, потсетува дека никаде во ЕУ нема таканаречена „зелена такса“ и дека европските земји, но и оние во соседството не ги „казнуваат“ сите граѓани, туку имаат посебни повисоки давачки при регистрација на возилата кои имаат стандарди под ЕУР 6 и 5. Здружението на транспортери, веќе прави анкета меѓу своите членови дали ќе протестираат против најавеното воведување на еколошка такса. Лани во април камионџиите го искажаа своите незадоволство со протести, откако Владата воведе дополнителна ациза за дизел горивото.

– Камионите на транспортерите им се превозно средство со кое остваруваат комерцијални цели, а според првите пресметки, воведувањето на оваа давачка, ќе ни ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар. Веќе испративме допис до Владата и до Министерството за финансии за подетални информации, а нашите членови се иритирани и од фактот, што како репрезентативни претставници не бевме вклучени во анализите за оваа мерка. Ние сме најголеми потрошувачи на нафтени деривати и постојано потенцираме дека еколошката суштина  се практикува како стимулативна мерка во државите членки на ЕУ- објаснува Муратовска.

Транспортерите веќе спроведуваат анкета за да се анализира состојбата и да се испита подготвеноста на превозниците за спроведување отпор во различни облици, па дури и протести.

– Неспорна е целта на државата за зелена економија, но тоа бара претходна подготовка и поддршка и за граѓаните и за транспортерите. Европските земји веќе одамна се подготвуваат за премин и употреба на еколошки енергенси. Германија на пример во 2006 година им го откупуваше старите возила на граѓаните, со стимул од 100 до 10.000 евра за набавка на нов автомобил. Последните информации се дека германските власти даваат и до 20.000 евра стимул за набавка на нови еколошки камиони. И Хрватска и Романија имаат вакви стимулации од 2009 година – вели Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот