Фото: Архива на Слободен печат

Бездомници во нечовечки услови преживуваат во „Ранка Милановиќ“, нема решение ниту за нив ниту за објектот

За да се реши проблемот со урнисаниот објект најпрво треба да се најде решение за луѓето што живеат во него, за кои никој точно не може да каже колкумина се на број, но од Министерството за социјална политика, демографија и млади тврдат дека нивните обиди да ги дислоцираат бездомниците од објектот биле неуспешни.

Повеќе од шест години откако децата беа преместени во мали групни домови, објектот на поранешната установа за згрижување и воспитување деца и младинци со проблематично однесување „Ранка Миланович“ е оставен да пропаѓа.

Во руинираниот објект лоциран во населбата Триангла, во крајно нечовечки услови живеат бездомници, па дури и семејства со деца. Во објектот без прозорци и врати, но преполн со ѓубре, неговите жители за да се згреат палат сѐ што ќе најдат – пластики, дрва, алишта, па дури и чевли. Па, така, од објектот постојано се крева црн чад што ја загадува целата околина, на што постојано реагираат граѓани што живеат или работат во близина на „Ранка Милановиќ“.

Општина Гази Баба и Град Скопје повеќепати во изминатите години спроведуваа чистење на ѓубрето од дворот, но трајно решение за овој објект, кој беше во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а сега во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади, досега не се најде.

Фото: Архива на Слободен печат

За да се реши проблемот со урнисаниот објект, најпрво треба да се најде решение за луѓето што живеат во него за кои никој точно не може да каже колкумина се, но најчесто се спомнува бројката од 60 до 100 луѓе, кои секојдневието го минуваат во смрдеа и ѓубре.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади на прашањето има ли некаков план што ќе се прави со објектот, ќе се урива или ќе се обнови и пренамени и што ќе се прави со бездомните лица и семејства што таму нашле прибежиште, оттаму велат дека Министерството работи на изнаоѓање најсоодветно решение со кое ќе го реши и ќе го затвори овој проблем.

Потсетуваме дека со последниот заклучок на Владата на седницата одржана на 9.11.2020 година, во врска со ова прашање, се препорача и на Градот Скопје и на локалните самоуправи според своите надлежности да преземат активности за обезбедување услови за домување на лицата во социјален ризик што се сместени до мај 2021 година, со оглед на тоа што проблемот со домување е клучен за решавање на нивната состојба – велат од Министерството.

Оттаму објаснуваат дека притоа се укажало на потребата од поддршка од единиците на локалната самоуправа, особено на територијата на Град Скопје во однос на трајно решавање на проблемот со домувањето на овие семејства во согласност со законските надлежности, како и преземање мерки во однос на проблемот со дивите населби што поради ненавремена контрола достигнуваат поголеми размери, а со тоа потоа претставуваат и поголем проблем за решавање.

Ranka Milanovic
Фото: Архива на Слободен печат

Како што велат нивните обиди да ги дислоцираат бездомниците од објектот биле неуспешни.

 Согледувајќи ја состојбата во објектите на ЈУ за згрижување деца и младинци со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение Скопје – Ранка Милановиќ, дека во текот на сместувањето корисниците ги имаат целосно руинирано објектите при што не се безбедни по живот и нема основни и безбедни услови за живеење, од страна на Министерството и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје направени беа обиди за дислокација на семејствата, со изнаоѓање индивидуални решенија за секое од семејствата, меѓутоа не беше успешно, имајќи предвид дека дислокацијата не беше прифатена од корисниците и во моментов во објектот се диво населени семејства. Мора да се нагласи дека сместување бездомни лица се реализира со согласност од самите лица. Истовремено информираме дека Министерството работи на изнаоѓање најсоодветно решение, кое ќе го реши и ќе го затвори овој проблем. За конечното решение, јавноста ќе биде информирана – посочуваат оттаму.

Последното чистење на објектот беше реализирано во февруари минатата година со заедничка акција на тогашниот технички министер, а сега заменик-министер Ѓоко Велковски и на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Велковски тогаш порача дека тоа е првичната помош за да се спречи евентуална зараза кај возрасните и пред сѐ на децата што се сместени во овој објект и вети системско решение за овие луѓе да добијат достоинствено социјално домување, што е во согласност со сите конвенции за заштита на човековите права.

И една година подоцна, системско решение не се најде, а ситуацијата во „Ранка Милановиќ“ е крајно загрижувачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот