фатмир бесими, министер за финансии
Фатми Бесими, министер за финансии, Фото: Архива

Бесими: Клучно е што ќе позајмуваме само за капитални проекти

Расходната страна на државната каса за 2022 година е планирана на 4,4 милијарди евра и овој износ е за 1,4 проценти поголем отколку во 2021 година. Во Буџетот во текот на наредната година се предвидуваат да се соберат 3,9 милијарди евра, или 7,4 проценти повеќе од приходот проектиран за годинава

„Наредната 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од ковид-19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата“.

Oва го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешното претставување на Предлог-буџетот за 2022 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

Расходната страна на државната каса за 2022 година е планирана на 4,4 милијарди евра и овој износ е за 1,4 проценти поголем отколку во 2021 година. Во Буџетот во текот на наредната година се предвидуваат да се соберат 3,9 милијарди евра, или 7,4 проценти повеќе од приходот проектиран за годинава.

Капиталните инвестиции се планирани на 614 милиони евра, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

„Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел од капитални инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 проценти во однос на 2021 година, поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари (130 милиони евра н.з.) повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14 проценти во вкупните расходи“, истакна министерот.

За отплата на стари долгови и за финансирање на нови проекти, државата планира во наредната година да се задолжи 787 милиони евра. Покривањето на овој износ се планира од домашни извори во висина од 441 милиони евра, а од странство 346 милиони евра. Клучно, според министерот, е што ќе се позајмува само за капитални инвестиции, а парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголем ефект за остварување на целите за повисок квалитет на животот, почитувајќи го принципот „вредност за вложените пари“.

Меѓу предвидените проекти се изградбата на автопатот од Коридорот 8, железничката пруга од Коридорот 10 и Коридорот 8, изградба на фискултурни сали, изградба и рехабилитација на основни и средни училиште,  нови детски градинки, изградба на гасификациската мрежа….

Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека со Буџетот за 2022 година е обезбедена ликвидност што значи дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.

Според Деловникот, комисиската расправа за Предлог-буџетот ќе трае 10 дена, по што оди на пленарна седница во Собранието и се очекува да биде изгласан до полноќ, на 5 декември.

ИНФОГРАФИК: Еве за што ќе се троши Буџетот за 2022 година

Поднесени 220 амандмани

Во Собранието пристигнаа 220 амандмани, од кои 194 се од ВМРО-ДПНЕ. Најголемата опозициска партија не смета дека новиот буџет ќе биде развоен, како што го претставува Министерството за финансии.

– Со овие 220 амандмани ќе се обидеме да интервенираме и да поправиме нешто што сѐ уште може да се поправи. Поднесовме голем број суштински амaндмани во сферата на енергетиката, образованието, здравството, животната средина – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот