Бавно умирање на средната класа

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Каде се социјалистите покрај „сините работнички крагни“ да застанат во заштита и на „белите крагни“ од администрацијата и од сопствениците на малите бизниси, кои се традиционална потпора на средната класа? Со години немо гледаат како таа класа исчезнува.

Социјалдемократите ширум Европа ја платија сметката на отстапувањето од идејата за социјална правда и прифаќањето на правилата на однесување на алчниот неолиберален капитализам, кој секаде зад себе остава жртви на глобализацијата.

Западните демократии вознемирувачки често се доживуваат како бесчувствителни на грижите на своите граѓани, па бавното умирање на средната класа станува глобален феномен, кој ја урива темелот на стабилноста, заканувајќи се да предизвика социјална експлозија.

Јазот помеѓу оние што „се снашле“ и оние што не успеале константно се проширува не само во повеќето членки на Европската Унија, туку и во нејзината периферија. Се продлабочуваат разликите помеѓу генерациите, половите и социјалните групи.

„Нееднаквоста е клучното прашање на нашето време“, говореше при крајот на 2013 година Барак Обама, а осум години подоцна само можеме да констатираме дека тоа прашање го дефинира и сегашното време.

Отсуството на рамноправни шанси за образование, за вработување, за здравствена заштита, како и константното осиромашување создадоа бунт против естаблишментот. Отпорот не се глобализираше само меѓу младите, туку и меѓу нивните родители. И едните и другите лесно стануваат жртви на заводливите сирени на десничарските политичари на пост-вистината и на нивните упростени ветувања.

А, што прават оние што би требало да ги штитат загрозените? Што прави социјалдемократијата во времиња кога избирачите очекуваат поголема социјална сигурност, кога тие луѓе би ги имале сите причини да гласаат за нив?

 

Благосостојба, правда и рамноправност

 

Идеите на социјалдемократите три децении ја обликуваа Европа и нејзината работничка и средна класа. Промовираа држава на благосостојба, социјална правда, рамноправни шанси, бараа одговорност од моќните за судбината на слабите. Нивните агенди беа исполнети со трагање по одговори за потребите на населението: гарантирани минимални плати, образование на децата, грижа за старите, прехранување на сиромашните, заштитата на човековата околина…

Зошто тогаш социјалдемократските партии се во криза? Најчестиот одговор што се нуди е дека во годините поминати на власт, придружени со разни компромиси, ги трансформирале социјалдемократите и го кородирале нивниот идентитет.

Во времињата по Втората светска војна левицата во повеќето западноевропски земји се потпираше на комбинација на четири стратегии за да обезбеди порамномерна распределба на доходот и богатството: 1. Обезбедување што поголема вработеност преку кензијанскиот модел на побарувачка; 2. Државно планирање и национализација на некои средства за производство; 3. Колективни преговори и улога на синдикатот при одредување на минималната цена на трудот; 4. Праведна редистрибуција со помош од даночниот систем.

Во златниот период на социјалдемократите од 1950 до 1980 година нивните лидери како Вили Брант во Германија, Бруно Крајски во Австрија или Улоф Палме во Шведска овие идеи ги претвораа во стварност. Социјалдемократите успешно опстојуваа во годините на бумот. Постоеше стабилна рамка, која, под силно влијание од синдикатите, ги регулираше односите помеѓу капиталот и трудот.

 

Отстапување од изворните принципи

 

Рамката почна да попушта во осумдесеттите години, под налетот на алчните неолиберални политики, кои ја префрлаа моќта кон мултинационалните корпорации и кон банките, ограничувајќи го просторот на работниците и уривајќи ја државата на благосостојба.

Триумфот на ултраортодоксниот либерализам создаде страв меѓу социјалдемократите дека ќе останат настрана. Исплашена, европската социјалдемократија – денес собрана под називот „лев центар – се воздржуваше да ги критикува политиките што станаа инструмент на либералниот капитализам.

Тони Блер во Британија или Герхард Шредер во Германија ја прифаќаа Новата економија на „Третиот пат“, отстапувајќи од изворните партиски принципи. Лабуристичкиот премиер ширум ја отвори вратата за влез на неолибералниот тачеризам. Социјалдемократскиот канцелар направи остри резови во националниот систем на социјална заштита. Веруваа дека силните влади и институциите на ЕУ можат да го заштитат развојот на општеството во мера што би одговарала на предизвиците на новата ера на глобалниот капитал.

Избирачите проценија дека е подобро да гласаат за оригиналот отколку за копијата. Социјалдемократските партии паднаа во криза. Ја губеа поддршката ширум континентот, паѓајќи на нивоа незабележани уште од седумдесеттите години.

 

Конфузија и поделба

 

Едно објаснување е дека социјалдемократите цело време сакале да бидат дел од естаблишментот, свесни дека не можат да бидат неми посматрачи на погубните последици на неолибералните рецепти и глобализираниот финансиски капитализам.

Уловени во процепот на серијата европски кризи, социјалдемократите станаа конфузни. Уследија неминовните поделби. Еден дел ги прифати порадикалните идеолошки принципи што нудеа предизвици за капитализмот. Првпат по Втората светска војна партија на левицата, која не му припаѓаше на социјалдемократскиот корпус, ја презеде (па ја изгуби) власта во една западноевропска земја: Сириза во Грција. Во Шпанија се појави Подемос. Другиот дел се држеше поумерено, стравувајќи од подлабоки промени, па продолжи да се приближува кон центарот.

Првиот блок ги одбиваше гласачите со нереални ветувања. Другиот прагматично се задоволи со примена на неолибералните мантри, но го губеше идентитетот, не успевајќи да понуди реални програми, кои би биле атрактивни за социјалното мнозинство.

Така е создадена ситуација да не се знае со сигурност за што навистина се залага социјалдемократијата. Дали се партии на работничката класа или заборавија на „сините крагни“ и станаа гласноговорници на „белите крагни“?

 

Заштита на жртвите од глобализацијата

 

Се покажа дека социјалдемократијата е неспособна да ја коригира нееднаквоста во околностите во кои структурите на власта – создадени на темелите на глобалниот финансиски капитализам – се противат на нејзините интереси.

Што социјалдемократите можеа да сторат? Изборот не е голем. Иднината е во заштитата на жртвите на глобализацијата. „Ако социјалдемократите не се способни да ги привлечат оние што најсилни се погодени од предизвиците на иднината и од промените во општеството, тогаш ние не сме вистинска социјалдемократска партија“, вели премиерката на Данска и лидерката на социјалдемократите, Мете Фредериксен.

Западен Балкан не е исклучок. Социјалната правда е присутна на хартија и во декларативните изјави, но практиката покажува дека таа е дефицитарна стока. Уште повеќе, економската нееднаквост се зголемува додека мнозинскиот дел од населението константно осиромашува, а фаворизираната елита на оние на власт трупаат богатство.

Ако некаде е битна средната класа, тоа е на Западниот Балкан, на теренот што значајни делови од таа класа го напуштаат. Средната класа не е гаранција, но е предуслов на либерална демократија.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот