Банките наплатуваат солидни провизии од режиските трошоци

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Не се знае која банка ќе го врши платниот промет во поштенските филијали, а што е поважно не се открива ни дали избраната банка ќе овозможи плаќање на комуналните сметки без провизија, како што тоа го правеше Поштата.

Во меѓувреме, граѓаните редовно си ги плаќаат сметките, па иако се клиенти на банките, им се наплаќаат провизии. Откако пред две недели, НЛБ Тутунска објави дека ги зголемила тарифите, тоа го стори и Стопанската банка АД Скопје. Па, така, сега наместо 20 денари провизија за плаќање на режиските трошоци, двете банки им наплаќаат на своите клиенти по 30 денари од сметка.

Граѓаните се револтирани од ваквиот однос, кој месечно од џебот им извлекува солидна сума. На пример, за 5 комунални сметки, сега ќе треба да платите плус 150 денари, наместо досегашните 100.

Според финансиските извештаи за првото шестмесечје од годинава, Комерцијална банка остварила нето-добивка од камати од 19,6 милиони евра и таа е поголема од лани за 3,2 проценти. Банката имала пад на нето-наплатените провизии за 11,5 проценти. Добивка пред оданочувања од 17,2 милиони евра остварила и Стопанска банка. И оваа банка забележала раст на нето-приходите од камати во однос на ланскиот период. Пад има кај нето-провизиите за 8,9 проценти. Добивката пред оданочување на НЛБ банка за првото шестмесечје е 12,7 милиони евра и е за 3 милиони помала од лани. Нето-приходите од камати се на речиси исто ниво – околу 24 милиони евра, како што се слични и износите на провизии, околу 8 милиони евра.

Поседувањето на 300 шалтери низ државата и фактот дека преку нив се вршеше една четвртина од платниот промет, јасно зборува зошто интерес за склучување договор со Пошта, пројавија осум банки. Некои од нив и јавно се изјаснија, а од дел не се добил соодветен одговор. Еден од условите, кој требаше да се испочитува е при изборот на банката да се води сметка за компатибилноста на софтверот што претходно го воспоставила Еуростандард банка во поштенските единици. Дел од граѓаните, постојано прашуваат дали банката која ќе го преземе платниот промет, ќе работи со истите услови како и Еуростандард банка и дали режиските сметки, кои ќе се плаќаат во Пошта, повторно ќе бидат без провизија? Што во практика би значело дека банката, која ќе ги преземе шалтерите, ќе си биде конкурент сама на себе.

Сите инволвирани во преговарачкиот процес, засега мудро молчат и не откриваат што го кочи изборот на банка, со која Македонска пошта ќе го склучи договорот. Од она што е знае во моментов, тим формиран од УО на Македонска пошта, преговара со неколкуте банки и ги оценува понудите. По евалуацијата на условите што ги нудат банките, тие ќе се достават до Управниот одбор на Пошта, па до Надзорниот одбор. УО потоа на Владата ќе и ја предложи банката која е избрана, и на крај, ќе мора да пресече Владата, како доминантен сопственик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот